Европа губи апетит за проширување

Европските земји не сакаат на зборуваат за понатамошно проширување на ЕУ, за да не им дадат „политичка муниција“ на популистите на задолжителните референдуми за прифаќање на новите членки, особено во Франција. Колективно трауматизирани од искуството со Унгарија, Европејците не сакаат нови членки со право на вето за одлуките на Унијата.

Приемот на нови членки во ЕУ беше предвидено да биде на дневен ред на самитот на Унијата во Никозија подоцна овој месец, но поради противењето на европските лидери, малку е веројатно дека ќе остане.

Најголемата загриженост меѓу земјите е дека проширувањето може да отвори национална дебата во која популистите би ги критикувале владите, пишува Политико, повикувајќи се на анонимни дипломатски извори во Брисел и во европските земји.

Би можела да се повтори дебатата за „полските водоводџии“ што се прошири низ многу земји од ЕУ пред приемот на Полска во 2004 година, кога политичари тврдеа дека евтината работна сила ќе ги замени високо платените работни места во Западна Европа. Истите полупопулистички, полуксенофобични аргументи што ги слушнавме за Полјаците, веројатно ќе ги слушнеме и за Украинците и за сите други кандидати. Кои се овие луѓе? Што ќе прават во нашиот клуб? Дали ќе дојдат да ни ги земат работните места?,  вели европски дипломат.

Оваа загриженост е особено силна во Франција, која според законот би морала да одржи референдум за прием на кој било нов член. Потенцијалното гласање за прием на Украина би можело да се поклопи со кампањата на лидерот на популистичкиот Национален собир, Жордан Бардела, кој според анкетите би победил во првиот круг од претседателските избори во 2027 година против умерениот десничарски ривал Едуар Филип.

Германија, Холандија и Италија, од друга страна, упорно тврдат дека без исклучоци мора да се почитува критериумот „базиран на заслуги“.

Секако дека не сакаме да го ослабиме Зеленски... но големото мнозинство членки немаат апетит за оваа дебата во моментов, рече висок дипломат од голема европска земја.

Победата на Петер Маѓар на изборите во Унгарија, со што заврши 16-годишното владеење на Виктор Орбан, ги обнови надежите дека Будимпешта би можела да го ублажи своето долгогодишно противење на членството на Украина. Но, се чини дека Маѓар ќе ја задржи позицијата на својот претходник. На прес-конференцијата по изборната победа тој истакна дека нема планови да го „забрза“ процесот за членство на Украина во ЕУ.

Токму искуството од Унгарија, која ѝ се приклучи на Унијата во 2004 година, ги зголемува стравувањата низ Европа од ново проширување, бидејќи секоја нова членка ќе го добие и правото со вето да блокира одлуки на ниво на ЕУ.

14 април 2026 - 08:36