Европа е ранлива поради зависноста од американски гас

По војната во Украина, Европа се реши да се ослободи од енергетската зависност од Русија и постепено забрани купување нафта и гас, префрлајќи се на увоз од САД. Војната во Иран и затворањето на Ормускиот проток ја направи ЕУ уште позависна и ранлива од администрацијата на Трамп, која ја користи својата позиција за да врши политички притисок врз Брисел.

Извозот на течен природен гас од САД за Европа се зголемил повеќе од трипати помеѓу 2021 и 2025 година, според нова анализа на Американскиот институт за енергетска економија и финансиска анализа (IEEFA).

До 2026 година, САД би можеле да обезбедат околу две третини од целиот европски увоз на течен природен гас. До 2028 година американскиот удел би можел да се зголеми и на 80%, предупредува институтот.

Во февруари, американскиот министер за енергетика Крис Рајт изјави дека САД се снабдувач со енергија „цврст како карпа“.

Никогаш не сме ја користеле енергијата како политичко оружје. Никогаш, им рече тој на новинарите.

Но, само еден месец подоцна, откако почна војната во Иран, американскиот амбасадор во ЕУ, Ендрју Пуздер го спомна извозот на гас додека го притискаше Брисел да го финализира трговскиот договор  со САД. 

Не знам што ќе се случи во однос на енергијата ако не го прифатат договорот. Европа ризикува да изгуби поволен пристап до течен природен гас, предупреди Пуздер.

Многу европски земји сè уште планираат нови терминали за течен природен гас. Според IEEFA, капацитетот за увоз до 2030 година би можел дури и да биде значително поголем од реалната побарувачка.

Ова не само што ја зголемува геополитичката зависност на Европа, туку и ризикот од милијарди евра погрешни инвестиции во недоволно искористена инфраструктура, предупредува IEEFA.

Во исто време, и покрај планираното постепено укинување на увоз на руски гас, Русија останува втор најголем снабдувач на течен природен гас во Европа. Увозот се зголемил за 16% во споредба со лани и достигна рекордно ниво во првиот квартал од 2026 година. Најголемите клиенти биле Франција, Белгија и Шпанија. 

Според пресметките на Центарот за истражување на енергијата и чистиот воздух (CREA), приходите од извоз на фосилни горива во Русија во април го достигнаа највисокото ниво за две и пол години - 734 милиони евра дневно. 

21 мај 2026 - 13:02