Ако глобалното затоплување доаѓа од главниот „грејач“ на планетава, тогаш спречувањето на неговите зраци да стигнат до површината на Земјата треба да ги промени временските шаблони на планетава и на тој начин да помогне против климатските промени.
Една од потенцијалните опции за блокирање на сонцето предвидува ширење на аеросоли во стратосферата, што ќе доведе до зголемување на концентрацијата на честички во атмосферата и на тој начин ќе ја намали количината на сончеви зраци кои стигаат до тлото на Земјата.
Во предлогот ЕУ ги наведува сите глобални штети што се случуваат од климатските промени, почнувајќи од суши и уништување на производство на храна што потоа се одразува во конфликти и масовна миграција. А има и дел во кој признаваа дека баш и не се сигурни како ова до сега непробано решение ќе влијае на планетата и општо опасностите од реинженирање на атмосферата.
„Овие технологии претставуваат нов ризик за луѓето и екосистемите, додека истовремено би можеле да го зголемат дисбалансот на моќта меѓу нациите, да започнат конфликти и да покренат неброени етички, правни, управувачки и политички прашања,“ пишува ЕУ во рамката за проектот за блокирање на сонцето.
Во делот на нуспојави од овој план кои би можеле да се предвидат е измена на шаблоните на врнење дожд низ планетата.
Дилемата е што се нема ни основен консензус дали климатски геоинженеринг е здрава наука или недопечен научнофантастичен концепт со „потенцијално опасни импликации за планетата и атмосферата.“ Дел од научниците повикаа на потпишување меѓународен договор меѓу владите на светот за некористење на вакви решенија.
Муабетите за блокирање на сонцето на глобално ниво, започнаа откако стана речиси сигурно дека државите низ светот нема да можат да ги исполнат своите ветувања и да го ограничат глобалното затоплување на 1,5 степени целзиусови.
За критичарите, ваквите планови, во најдобар случај ќе завршат работа за одвлекување на вниманието од „примарната причина за глобално затоплување: зголемено испуштање на издувни гасови“.