ЕУ ќе лови руски танкери до Индискиот Океан

Европски воени бродови кои досега се бореа против озлогласените сомалиски пирати се испратени во нова мисија во Индиски Океан, која Путин ја нарекува „класична пиратерија“. Ќе можат да запираат и да претресуваат бродови за кои се сомневаат дека тајно транспортираат руска нафта или други забранети стоки. Шверцуваната нафта ќе може да ја запленат и да ја продадат.

Членките на ЕУ ја одобрија Операцијата Аталанта – која всушност е пренамена на поморската мисија против пиратите покрај брегот на Сомалија. Воените бродови од европските земји ќе ги контролираат поморските рути кон Индиски Океан и ќе проверуваат дали танкерите истакнуваат знамиња на земјите на кои им припаѓаат.

Ако се сомневаат дека некој танкер е руски и плови под лажно знаме, овластени се да го запрат и да се качат на него за да ги проверат документацијата и товарот.

Овој потег значително го проширува географскиот опсег на дејствување на ЕУ против Русија. Коридорот во кој ќе оперира мисијата е критична транзитна рута за танкери што превезуваат руска сурова нафта кон пазарот во Азија. Бродовите од „Аталанта“ ќе дејствуваат во областа покрај сомалискиот брег, Аденскиот Залив, Црвено Море и заливите Суец и Акаба. Тие ќе бидат издвоени од поморската мисија ASPIDES за заштита на бродскиот сообраќај во Црвено Море од нападите на јеменските бунтовници.

Во нормални услови, забранета е воена интервенција – запирање и качување - против бродови на отворено море. Членот 110 од Конвенцијата на ОН за правото на морето им дозволува на воени бродови да пресретнат брод само кога постои основано сомнение дека вее знаме на кое нема право, и тоа во специфични услови. ЕУ досега не ги објави во целост правилата за ангажман на Операцијата Аталанта, кои точно дефинираат до каде се протегаат новите овластувања.

Брисел веќе санкционираше повеќе од 600 бродови за кои се сомнева дека ѝ припаѓаат на прикриената руска флота. Шефицата за надворешна политика Каја Калас забележа дека пристапот дава резултати во Средоземно Море. Во рамките на Операцијата „Ирини“ европски брод на 20 јули го запрел танкерот „South Star“, кој бил дел од руската флота во сенка и пловел под лажно знаме. Откриени биле 39 бродови кои со лажна документација биле регистрирани дека се на Камерун.

Според новиот 21-ви пакет санкции за Москва, откриената руска нафта и друга забранета стока нема само да биде блокирана, туку може да биде конфискувана од членките на ЕУ, а потоа и да биде продадена. 

Рускиот претседател Владимир Путин ги осуди ваквите пресретнувања како „класична пиратерија“, која уште повеќе ќе ги заостри тензиите меѓу Брисел и Москва.

24 јули 2026 - 13:13