Државата диктира што ќе гледаат Германците на социјалните мрежи

Германските покраини сакаат да ги преплават социјалните платформи со новинарски содржини прочистени и одобрени од државата. Новата мерка би им овозможила на радиодифузерите финансирани од државата да ја прошират својата видливост во однос на приватните конкуренти кои се потпираат на рекламирање или претплати. 

Германските федерални покраини предлагаат платформите за социјални медиуми да резервираат најмалку 20% од алгоритамските препораки за содржина од група одобрени медиуми кои се сметаат за „важни за разновидноста на мислењата“, според нацрт-документот кој е во фаза на јавна консултација.

Правилото би се однесувало на фидови на платформи како Инстаграм и Икс. Содржината извлечена од одобрениот фонд сè уште би била избрана според алгоритмите на платформите и интересите на корисниците. Квотата од 20% е воведена како „начин да се спречи маргинализација на новинарската содржина од сензационалистички материјали“. 

Предложената мерка веќе е критикувана како обид да се принудат Германците да гледаат содржина наклонета кон владејачките партии.

Ако сакате да дебатирате или да разменувате мислења на Икс, алгоритмот наскоро насилно ќе ви го сервира прочистеното новинарство од Tagesschau, веднаш помеѓу објави на вашите пријатели. Тие ни ја продаваат оваа невидена интервенција на пазарот како „јавна вредност“, но тоа е очигледен обид да се обезбеди супериорност над онлајн дискусиите, забележува политичкиот коментатор Бернд Кајзер.

Мерката е дел од втората фаза од Договорот за дигитални медиуми, развиен од Комисијата за радиодифузија на федералните покраини. Според нацрт-договорот, јавните радиодифузери како што се ARD, ZDF и Deutschland Radio автоматски би се квалификувале за одредени понуди.

Весникот „Берлинер цајтунг“ забележува дека ARD и ZDF ја поддржуваат масовната миграција, негативно известуваат за десничарската партија АфД и претежно вработуваат новинари кои ѝ се наклонети на политичката левица.

Приватните медиуми, од друга страна, ќе треба да аплицираат и да исполнат низа критериуми за структурните и продукциските карактеристики на медиумските куќи: за вести и политичко известување, информации и образовна содржина, документарни филмови, локално и регионално известување, оригинална новинарска продукција, уреднички персонал и стандарди за пристапност. Апликациите ќе одат на одобрување пред регулаторните тела на покраините.

Предлог-законот е на јавна расправа до 13 ноември. За да стапи во сила треба да добие поддршка од владите и парламентите на сите 16 германски покраини. Регулирањето на медиумите во Германија, во рамките на двојниот јавно-приватен систем на радиодифузија во земјата, е првенствено одговорност на покраините.

******
Види и: ББЦ Државна

27 октомври 2026 - 10:14