Нападот најверојатно ќе вклучува воздушен напад на истокот, амфибиски напад во Одеса и Мариупол и помал упад преку соседната Белорусија, тврди генералот. Очекувањето на Буданов е дека овој напад ќе биде далеку поголем од што било што се случило од почетокот на конфликтот во Украина во 2014.
Неколку дена претходно министерот за одбрана на Украина, Алекси Режников, изјави дека се уште не е јасно дали Путин се одлучи да ја нападне земјата.
Освен војската, Русија на границата веќе има распоредено Искандер ракетни системи со краток домет, оклопни возила и друга опрема. Околу можноста студената зима да ги пишмани Русите да нападнат, генералот Буданов одговорил: „Тоа не е проблем ниту за нас, ниту за Русите.“
Според генералот, на нападот ќе му претходи серија психолошки операции, дел од кои се во тек, со цел дестабилизирање на Украина и поткопување на нејзината способност за борба. Наводно една од тие операции се тековните анти-ваксерски протести кои се случуваат во Украина и кои според Буданов се организирани од Русија.
Буданов тврди дека украинските и американските разузнавачки информации за тајмингот на нападот се многу слични. Од Пентагон одбиле да го коментираат ова, и порачале дека САД гледа „проблематично однесување од Русија“.
За Буданов идеалниот излез од ова е САД да помогнат со дополнителна воена помош и зголемен дипломатски и економски притисок, вклучително дополнителни санкции против Русија, заплена и блокирање на нејзините банкарски сметки.