Причина за шпекулациите околу здравјето на Ким е што него цели три седмици го немаше да се појави во јавност, па луѓе побрзаа да го прогласат за мртов, и да ги извртат сите теории за негов наследник и слични муабети стандардни за ваква ситуација.
Поранешниот заменик амбасадор на Северна Кореја во Британија и еден од двајцата бегалци од Северот кои минатиот месец беа избрани за парламентарци во Сеул, Тае Јонг Хо, јавно се извини за предвременото погребување на владетелот на Северна Кореја.
„Свесен дека една од многуте причини заради кои гласавте за мене како законодавец е очекувањето за прецизни анализи и проекции околу севернокорејските прашања. Ја чувствувам вината и тешката одговорност.
Што и да е причината, им се извинувам на сите.“
Вториот бегалец, кој пак заврши во парламентарната опозиција во Сеул, Џи Сеонг Хо, во интервју порача дека бил 99% сигурен дека Ким умрел по операцијата на срце и дека официјалното соопштение требало да биде објавено во саботата.
„Размислував околу самиот себе во изминатите неколку дена, и ја чувствувам тежината на позицијата во која се наоѓам. Како јавна личност, внимателно ќе се однесувам во иднина,“ изјавил Џи.
Ројтерс во петокот објави изјава од Џи дека добил информација од таен извор дека Ким е мртов.
Како и претходно кога е во прашање Северна Кореја, и во овој случај глобалниот печат не можеше да се воздржи да не шпекулира дека Ким Џонг Ун е мртов, и последователно да ги разгледува опциите за иднината на земјата. Ова се распламти и покрај тоа што најголемите експерти на тема Северна Кореја, владата на Јужна Кореја, предупреди на внимателност околу шпекулации за здравјето на Ким и објави дека нема никакви знаци дека нешто сериозно се случува.