
„Одливот на мозоци е темната страна на слободата на движењето,“ го коментира поранешниот италијански премиер Енрико Лета трендот земјите од југот на Европа да ги губат високообразованите млади генерации, кои мигрираат кон земји со повисок стандард.
Внатрешните економски миграции го оптоваруваат пазарот на трудот. Владите тешко, а компаниите уште потешко може да ги задржат талентите. Границите на Европа се отворени и младата висококвалификувана работна сила вообичаено гравитира кон компаниите што плаќаат повеќе. Повеќето од нив не се враќаат.
Во обид да ги задржи младите, Португалија неодамна усвои мерки за да се наметне како даночен рај за младите генерации. Се нудат десетгодишни даночни олеснувања. Сите што се на возраст од 18 до 35 години, а заработиле до 28.000 евра бруто плата, во првата година целосно се ослободени од данок на доход. Во следните години полека им се зголемува данокот. Олеснувања има и за фирмите што им ги креваат платите на вработените.
Полска уште во 2019 година значително го намали данокот на доход за помладите од 26 години. Италија нуди и до 50 отсто понизок данок за младите, самовработените и за работниците што се враќаат.
Внатрешната миграција во ЕУ е задвижена од разликите во платите меѓу членките. По брегзитот, омилени дестинации се Холандија, како и Германија и скандинавските земји. Многумина заминуваат и во САД. За многумина важни се и поволностите како подобрата здравствена грижа, пензиските услови или полабавите хиерархиски структури што дозволуваат префрлање поголема одговорност на пониските работни позиции.
Португалскиот министер Леитао Амаро не знае дали намалувањето на даноците за младите ќе го има посакуваниот ефект, но додава дека морало да се преземат нови чекори.
Ако не дејствуваме амбициозно, ништо нема да се промени, вели Амаро.