Дали британските власти ќе одговараат за смртта на 9-годишно дете од загаден воздух?

Како дел од судска истрага за тоа дали загадениот воздух во Британија ја предизвикало или придонело за смртта на 9-годишното девојче, ќе биде истражувана и улогата на властите во целата работа.

Ела Киси-Дебра почина во февруари 2013, по три години минати во напади на астма и 27 посети на болница заради проблеми со дишење. Судската истрага од 2014 се фокусира на здравствената грижа што ја добива Ела и заклучува дека таа умира од акутни респираторни проблеми. Резултатите од оваа истрага се поништени од Високиот суд откако излегуваат нови докази за нивото на загаденост на воздухот во тој период.

По ново треба да се изврши „целосна“ истрага која ќе се фокусира на членот 2 (право на живот) од Законот за човекови права, кој ја истражува улогата на јавните органи во смртта на едно лице.

Во новата постапка ќе се утврдува дали загадувањето на воздухот предизвикало или придонело за смртта на Ела, и како нивоата на загадување на воздухот биле мониторирани и кои чекори се преземени за намалување на загадувањето.

Освен лондонскиот градски транспорт и канцеларијата на градоначалникот, веројатно ќе се проверува и одговорноста на министерството за здравје и социјалната служба.

Ела живее во југо-источен Лондон на 25 метри од еден од патиштата со најголема сообраќајна гужва во главниот град. Извештај од 2018 открива дека нивото на загадување на воздухот регистрирано од мерната станица на околу 1 километар од домот на Ела „постојано“ ги надминува законските рамки поставени од ЕУ за период од 3 години пред нејзината смрт.

По завршувањето на истрагата, девојчето може да стане првиот човек во Британија кај кого како причина за смрт е наведено загадување на воздухот.

17 декември 2019 - 17:39