ЦИА не ни знае кого сè убива

Барак Обама најави дека ќе продолжи со контроверзниот програм за таргетирано убивање со беспилотни летала иако нарачателот ЦИА не секогаш знае кој точно е убиен.

Истражувањето на доверлив материјал од Пакистан кој покрива период од 14 месеци покажува дека ЦИА не секогаш знае кого убила со - во последно време омилените играчки - дроновите, известува НБЦ.

Секоја четврта жртва на ваквите теледиригирани убиства е класификувана како "друг милитант", термин кој се користи кога не може да се утврди во каква врска е убиениот со останатите членови на нападнатата формација и зошто тој претставува опасност за американските национални интереси.

Ваквите напади за елиминација на осомничени терористи честопати се изведуваат врз основа на многу дискутабилна проценка на тн. "карактеристично однесување и движење'. Скептиците во однос на оваа програма велат дека ваквата произволност на крајот се сведува на логиката "ако сме го убиле, тогаш ни бил непријател".

Во некои случаи, американските власти не се сигурни ни колку луѓе загинале од нападите на нивните дронови. За ист случај еднаш е заведено дека загинале меѓу 7 до 10 луѓе а во друг извештај се вели дека бројот на жртвите изнесувал меѓу 20 и 22 лица.

Интересно е што иако не знае ни кој ни колкумина загинале, ЦИА секогаш е сигурна дека меѓу настраданите немало цивили. Од 600 заведени жртви, само за еден се признава дека бил цивилно лице.

6 јуни 2013 - 23:33