Буданов вечерта на 23-ти во својата канцеларија ја носи и сопругата сметајќи дека таму ќе биде најбезбедна. Вечерта тие разговараат дека ако нападот не се случи, толку ќе биде со неговиот ангажман во украинските разузнавачки служби. Денес 37-годишниот Буданов е еден од советниците на Зеленски чиј збор има најголема тежина, на исто ниво со информациите што доаѓаат од американското и британското разузнавање.
Тоа што тој тогаш го зборува е сериозно отфрлено од највисоки украински функционери, па дури и оние кои се согласуваат дека Русија ќе започне инвазија, ни под разно не прифаќаат дека таа ќе тргне во правецот на Киев, туку исклучиво дека ќе се одвива на истокот на земјата во Донбас.
За годинава неговото предвидување е дека Русија ќе се фокусира на освојување што е можно повеќе територија во Доњецк и Луганск, додека нова офанзива на северот од земјата е малку веројатно да се случи, а руската војска во Белорусија служи само за застрашување и поделба на украинските сили.
Неговото очекување од украинската војска е до летово да го освои Крим, и наспроти предупредувањата дека Русија би лансирала нуклеарки во случај Украинците да навлезат во полуостровот, Буданов смета дека тоа нема да се случи:
„Крим ќе ни биде вратен. И да ви кажам уште една работа: сѐ започна таму во Крим во 2014, и сѐ ќе заврши таму.
Тоа е заплашување. Русија е држава од која можеш многу да очекуваш но не и директен идиотизам. Извинете, ама тоа нема да се случи. Нуклеарен напад ќе резултира не само со пораз на Русија, туку и со колапс на Русија. Тие тоа одлично го знаат.“
Буданов е идентично уверен и во својот став дека Путин е терминално болен од рак и дека има неколку двојници кои се појавуваат место него, како и тоа дека моментално во Украина се борат 326.000 руски војници и дека залихите на руската војска со Калибар ракети со голем домет е на само 9%.
Дел од овие податоци Зеленски ги искористи во својот говор во Давос каде изјави дека не е сигурен дека Путин уште е жив.
Наспроти ова е изјавата на директорот на ЦИА, Вилијам Брнс, според кого нема индикации дека Путин воопшто е болен.
Неофицијално подемот на Буданов почнува во август 2016 кога тој, исто така неофицијално, е дел од саботерска екипа што убива потполковник на ФСБ во Крим. Тој подоцна е награден со Медалот за храброст за неименувана операција. Минатата година Буданов беше обвинет од Москва како еден од главните виновници за експлозијата што сруши дел од Кримскиот мост.