Кампањата „Закон за спас на Европа“ предводена од холандската активистка Ева Влардингербрук и од австрискиот активист Мартин Зелнер, привлече значителна поддршка низ Европа, со речиси 600.000 потписи.
Предлогот има цел да запре имиграцијата од незападните земји – и нелегалната и легалната, да се зацврстат границите на Европската Унија и да почне процес на депортација на имигрантите кои не се интегрирале во членките на ЕУ. Се повикува и на укинување на програмите за социјална заштита и други придобивки за имигранти, за кои се смета дека уште повеќе ги привлекуваат мигрантите да тргнат кон Европа.
Во потег што не е особено изненадувачки, Европската комисија одби да го регистрира движењето како официјална европска граѓанска иницијатива.
Одлуката на Брисел значи дека организаторите не можат да го продолжат процесот на собирање 1 милион верификувани потписи од граѓани на најмалку седум земји-членки на ЕУ, што би ја обврзало Европската комисија да го разгледа нивниот предлог.
Барањето за привремен мораториум на нови канали за имиграција од земји надвор од Западот, засновано на заштита на етничкиот и културниот континуитет на домородните народи во Европа, би претставувало дискриминација врз основа на раса и етничко потекло и би било спротивно на основните вредности утврдени во договорите на ЕУ и во Повелбата на ЕУ за основните права, објаснува Комисијата.
Влардингербрук го обвини Брисел дека се обидува да замолчи стотици илјади Европејци. Најави дека собирањето потписи ќе продолжи, а организаторите ќе покренат правни мерки против Комисијата.
Европската комисија вели дека желбата да се зачува националниот идентитет може да се оствари само во рамките на европските вредности. А кој одлучува кои се тие европски вредности? Па, очигледно, Комисијата, вели холандската активистка.
Австриската европратеничка Петра Штегер од FPÖ тврди дека Брисел попречува демократски граѓански иницијативи само затоа што не му се допаѓаат барањата.
Тука веќе не станува збор за вредности, туку само за нивната непромислена идеологија, вели Штегер.