Исходот од мини Супер вторникот е толку поразувачки за Сандерс што според Политико тој по првичните резултати се повлекува во својот дом во Вермонт, без воопшто да одржи говор. Моменталната состојба на табелата е дека Бајден има поддршка од вкупно 813 делегати, а Сандерс од 656.
Без разлика каков ќе биде исходот од останатите 3 сојузни држави, Сандерс веќе има само математички шанси за освојување на номинацијата.
Сандерс сериозно се надеваше на Мичиген каде пред 4 години тој неочекувано ја порази Хилари, што тогаш и даде сериозна полетност на неговата кампања. Овој пат Бајден ги освои и Мичиген и Мисури и Мисисипи (се чекаат резултатите уште од Вашингтон, Ајдахо и Северна Дакота).
Во Мичиген годинава разликата ја направија белците гласачи, синдикалците и гласачите со завршен колеџ. Во 2016 Сандерс ги освои гласовите на овие три групи, што аналитичарите го сметаат како показател дека тие гласале против Хилари, а не за Сандерс.
Берни и овој пат успева да ги освои гласовите на младите, од 17 до 29 години, со огромна разлика во однос на Бајден. Проблемот за Берни е што на оваа група отпаѓа само 12,5% од електоратот во овие три сојузни држави.
Додека Берни одлучи да премолчи, Бајден синоќа се обиде да ги одоброволи симпатизерите на својот противник, изјавувајќи:
„Сакам да му се заблагодарам на Берни Сандерс и неговите симпатизери за нивната неуморна енергија и за нивната пасија.
Сите ние имаме заедничка цел, заедно да го победиме Доналд Трамп.“