Сега италијанскиот печат се сомнева дека Берлускони има план да бара избор во Бугарија. Идејата се врти околу изборите за Европскиот парламент во 2014-та, кои треба да бидат одржани во мај.
Иако заради пресудите тој не може да биде избран во Италија, теоретски секој граѓанин на ЕУ може да се кандидира за евро пратеник од која било членка на ЕУ. Во неделата Либеро објави теорија дека благодарејќи на пријателството со поранешниот бугарски премиер Бојко Борисов, Бугарија би можела да биде земјата во која Берлускони би се кандидирал за европските избори.
На страна тоа што со евентуалниот успех би ги понижил своите противници, практичниот аспект на целата работа е што како член на Европскиот парламент Берлускони повторно би го добил имунитетот што го изгуби кога беше протеран од италијанскиот парламент.
За да го спроведе планот, Берлускони прво ќе треба да се откаже од италијанското државјанство, а бугарскиот претседател Плевнелиев да му додели државјанство со специјален указ. По ова нему ќе му треба поддршка од партијата на Борисов или некоја друга, за да биде изгласан како парламентарец од Бугарија.