Белгија од имигрантите ќе бара потпишување на лојалност кон европските вредности, пренесува Гардијан.
Сите "нон-ЕУ" дојденци и бегалци кои сакаат да живеат во Белгија ќе мора да потпишат изјава дека ги прифаќаат локалните вредности или да се помират дека нивното барање за жителство ќе биде одбиено.
"Изјавата на новодојденците" се очекува да помине во парламентот следниве неколку месеци а предлогот е изготвен од државниот секретаријат за азил и миграција. Секој што во земјата престојува повеќе од три месеци ќе мора да го потпише овој документ во кој меѓу другото ќе се заколне и дека нема да прибегне кон никакви акти на тероризам. Исклучок ќе бидат само студентите и оние што бараат азил.
Една од белгиските организации која работи со мигранти остро го критикуваше предлогот како дискриминирачки и процени дека тој само ќе ги засили тензиите и предрасудите кон другите луѓе.
"Процесот на интеграција не започнува кога ќе потпишеш некој документ дека ќе се интегрираш," вели Дидие Вандеслике од организацијата Орбит.
Според него, да тераш одредена група посебно да потпишува дека ја признава рамноправноста меѓу половите или геј правата значи групно да се сомневаш во сите тие луѓе. Со ваков закон, на мигрантските служби само им се дава уште една алатка да ги држат непожелните мигранти подалеку од Белгија.
А тензии во земјата има и се во значаен пораст по последните самоубиствени терористички напади во метрото и аеродромот во Брисел кога настрадаа 35 луѓе.
Есктремни десничарски групации се заканија со напад на населбата Моленбек а луѓе кои живеат во тоа доминантно муслиманско предградие знаат дека младите сигурно ќе возвратат накакви било провокации.
"Тие не ѝ веруваат на полицијата и нема да седат мирни," вели еден учител од маало.
Минататата недела стотици црнокошулаши со нацистички пароли го реметеа мирниот меморијал на жртвите на терористичките напади.