Бајден минатата недела спомена дека е подготвен на самитот да се сретне со Путин за да разговара за ослободување на американски затвореници во Русија, пример ВНБА кошаркарката Бритни Грајнер која лежи затвор заради поседување наркотици. И покрај изјавата, за сега нема никаков контакт меѓу Белата куќа и Кремљ околу организирање на каква било средба меѓу двајцата претседатели.
„Јас немам намера да се сретнам со него. Но, на пример, ако ми дојде на Г20 и ми рече ’сакам да разговарам за ослободувањето на Грајнер’, јас ќе се сретнам со него. Мислам, зависи,“ изјави Бајден минатата недела во интервју за Си-ен-ен.
Дури и да се случи сценариото што го спомнува Бајден, и Путин да му понуди ослободување на Грајнер или поранешниот маринец Пол Вилан, од Белата куќа објаснуваат дека „таков состанок би се случил по недели преговори зад сцената, во кои во основа ќе биде постигнат договор, пред лидерите да седнат еден карши друг, а моментално нема такви планови.“
Од Белата куќа признаваа дека може да се случи Бајден и Путин да се најдат на иста пленарна седница или собир на кој ќе присуствуваат сите учесници, но ништо повеќе од тоа. Магазинот Политико пишува дека луѓето од Белата куќа работат на тоа да се осигурат дека двајцата претседатели „нема да налетаат еден на друг во ходник, па дури ни на групната фотографија.“
„Знаеме што претседателот Бајден мисли за претседателот Путин: мисли дека тој е убиец, мисли дека тој е воен злосторник.
И обично не се среќаваш со убијци и воени злосторници,“ изјавил поранешниот американски амбасадор во САД, Вилијам Тејлор.
Двајцата се имаат сретнато само еднаш за време на претседателството на Бајден, летото 2021 на самит во Женева, плус имаат телефонски разговарано неколку пати, од кои последен пат беше во февруари, пред почетокот на војната.
И покрај правецот што ги имаат одбрано, во Белата куќа има поделеност околу тоа дали Бајден треба да се сретне со Путин или не. Слично е и кај експертите, едни сметаат дека средба треба да има и Бајден јасно да му каже на Путин дека му се ближи крајот, а други потсетуваат дека по последната средба во Женева, Путин почна да носи војска на украинската граница, па стравот е дека нова средба повторно би можела да ги ескалира работите.
За разлика од едногласноста на Г7, составот на Г20 е малку поразличен, па не се очекува дека сите членки на организацијата ќе дадат поддршка за Украина.
Додека Белата куќа планира како да се направи ескиважа на Путин, наводно во тек се разговори меѓу високи советници на Бајден и Џинпинг, за организирање на директна средба меѓу претседателите на САД и Кина.
Од Белата куќа исто така негираат дека на самитот би можел да се појави и Зеленски и покрај тоа што неговата земја не е дел од Г20.