Додека и понатаму во својата пропаганда се обидува да ја протурка "утопија" приказната, калифатот кубури со пари за покривање на најосновните дневни потреби. Проблемите ги тераат тамошните власти да наоѓаат нови начини за прилив или барем спречување на одливот на пари. Ако во прво време решението беше кратење плати, следниот чекор беше подеднакво очигледен па властите почнаа да наметнуваат нови казни и давачки, како и кратење на дел од бенефициите што ги нудеа.
Така минатата недела беше пријавено дека била укината електричната енергија во домовите на борците во Алепо, и се штедела за потребите на воените бази. Во Рака се воведени рестрикции на вода па секој четврти ден водата се гаси на 24 часа.
На џихадистите во Алепо им е забрането користење автомобили и други возила за лична употреба без дозвола од ИСИС, затоа што тоа претставувало расфрлање со ресурсите. Заради немање пари за набавка џихадистите морале да се откажат и од енергетски пијалаци и Сникерс чоколади.
За прв пат годинава, сите средношколци кои одат во училиштата одобрени од ИСИС (а други нема) мора да плаќаат за печатење на своите книги.
Иако не е поврзано со трошоците, една од последните забрани се однесува на продавање или купување спортски дресови, затоа што тие претставувале "слепа имитација на неверните Западњаци." Наместо тоа на еден сопственик на продавница за дресови му е наредено да продава мечови и копја.
Една од новините е и дека борците на ИСИС можат да застанат кој било цивил на улица и да го испрашуваат на теми од Куранот, кој не знае ќе мора да плати парична казна.