81-годишниот претседател, кој сега е во ковид самоизолација, јавно останува решен да се соочи со Трамп на ноемвриските избори но приватно веќе попуштил под сè поголемиот притисок, лошите анкети и неодбранливата педантност со која секој збор и потег му се гледа низ призма на возраста и менталната спремност.
На Џим ВандеХеи и Џим Ален од Аксиос им било дојавено дека клучните играчи во партијата, пријателите на Бајден и најбитните донатори веруваат дека тој не може да победи и не може да ја промени перцепцијата на јавноста за неговата возраст и когнитивна острина.
На претседателот му било кажано дека ако остане, Трамп би можел убедливо да победи и да го избрише и неговото наследство и надежите на Демократите во ноември.
Демократите веруваат дека анкетите после Републиканската национална конвенција ќе покажат дека нивната партија ита кон дебакл.
„Негов избор е или да стане еден од историските херои или да биде сигурен дека никогаш нема да постои Бајденова претседателска библиотека. Се надевам дека ќе го направи вистинскиот избор,“ им рекол на ВандеХеи и Ален близок пријател на Бајден.
Последната анкета на Асошиетед прес покажа дека две третини од Демократите сакаат Бајден да се повлече и да остави простор за друг кандидат.
Притисокот врз Бајден е брутален последниве денови и очигледно е дека е координиран: водачот на мнозинството во Сенатот, Чак Шумер му порача да се повлече дента кога имаше атентат на Трамп. Поранешната спикерка на Претставничкиот дом Ненси Пелоси која се смета за мозок на операцијата за ампутирање на Бајден му рече дека може да ги уништи шансите на демократите да го вратат Домот. Слична порака му пренесе и лидерот на малцинството во Претставничкиот дом, Хаким Џефрис а доволно гласен е и молкот на Обама, Бил и Хилари Клинтон, додека нивните поранешни соработници јавно маваат по Бајден.
Дури и оние што беа упорни Бајден да остане во трка, се стишаа после дуелот со Трамп.
Уште пред 20-тина дена, во колумна на Аксиос беше пренесена пораката дека Демократите не сакаат да го тргнат Бајден од сцена туку оставаат сам да се повлече. Но, тој не ги слушаше ваквите пораки со што натера и луѓе кои го сакаат, да го резилат и да молат да си оди.
Факт е дека Бајден не може да биде тргнат. Тој ги има делегатите и нив никој не може физички да ги отстрани. Тој ќе треба тоа да го направи како свој избор и под своја режија. Во неговата партија веруваат дека тоа веќе му е јасно.