Армијата објави дека најдоцна до среда ќе детонира 68 буриња со експлозив што содржи олово од старата Фабрика за оружје близу Мидлтаун во сојузната држава Ајова. Точното време на контролираната експлозија ќе биде одредено врз основа на временските услови.
Се очекува уништувањето на 5 тони олово да создаде облак долг неколку километри составен од оловен азид – хемиски токсичен експлозив што се користи во детонатори и големи видови муниција, предупредија Армијата и Агенцијата за заштита на животната средина.
Ситните честички олово би можеле да се наталожат во радиус од над 160 километри. Изложеноста на олово може да предизвика сериозни здравствени проблеми, особено кај децата, вклучително и оштетување на мозокот и нервниот систем. Граѓаните се предупредени дека „никаква количина на изложеност на олово не е безбедна“.
Дадена е наредба за евакуација на сите 400 жители на населбата најблизу до фабриката поради ризици поврзани со ударниот бран на експлозијата. Градот Медијаполис, кој е во опасната зона, како превентивна мерка ја откажа наставата во училиштата. Противпожарните екипи се спремни за операција на чистење на површините што ќе бидат обложени со токсична прашина. Локалните власти предупредуваат дека федералната помош по детонацијата ќе биде минимална, а чистењето ќе им биде оставено на поединци.
Откако американската армија ќе утврди дека периодот на изложеност на отрови завршил исчистете ги површините каде што играат деца, дворовите и куќите. Измијте ги автомобилите, советуваат локалните власти.
Жителите велат дека предупредувањето е дадено предоцна и дека Армијата одбива детаљно да одговара на прашања за сите ризици. Фармерите се жалат дека во рок од неколку дена не можат да ја заштитат стоката.

Старата фабриката за муниција уште од 1949 година непрекинато произведува најразлични видови оружје – боеви глави, тенковска муниција, гранати и артилериски проектили – кои се користеле од Корејската војна па сè до инвазијата врз Ирак.
Американците плаќаат висока цена – во крв, пот и даноци – за глобалната воено-индустриска империја на САД. Тие плаќаат и на други начини, забележа политикологот Мајкл Паренти.