Америка се надева дека Хормуз ќе биде безначаен за две години

Министерот за финансии Скот Бесент смета дека Ормускиот теснец, за чија контрола САД војуваат со Иран, ќе биде „безвреден“ за нафтената индустрија за две години. Ќе биде заобиколен со нафтоводи на копно. САД и онака преку протокот добиваат само 7% од вкупниот увоз на нафта, а во меѓувреме го презедоа нафтениот бизнис на Венецуела откако ѝ го грабнаа претседателот.

Министерот Скот Бесент истакна дека поморскиот теснец, низ кој пред војната поминуваше една петтина од глобалната трговија со нафта и гас, не претставува „критична тесна точка“ за САД, но е исклучително важен за „многу, многу други земји“.

Според Меѓународната агенција за енергија (IEA), речиси 34% од светската сурова нафта поминала низ Ормускиот теснец во 2025 година, при што „поголемиот дел“ од тој извоз бил наменет за азиските земји.

САД преку овој проток во 2024 година увезувале само околу половина милион барели сурова нафта дневно, што претставува 7% од вкупниот увоз на сурова нафта. Анализата на EIA покажа дека увозот на сурова нафта во САД од земјите од Персискиот Залив паднал на најниско ниво во речиси 40 години, бидејќи „се зголемиле домашното производство и увозот од Канада“.

Сепак, министерот за финансии изјави дека улогата на теснецот во трговијата со нафта речиси целосно ќе биде заобиколена.

За две години, Ормускиот теснец ќе биде безвредна водна површина. Нафтата ќе се транспортира преку копнени нафтоводи, изјави Бесент во разговор со Лери Кудлоу од Фокс бизнис, на маргините на самитот на министрите за финансии на Г-20 во Северна Каролина.

Саудиска Арабија и Обединетите Арапски Емирати располагаат со функционални нафтоводи кои овозможуваат заобиколување на Ормускиот теснец. Повеќе влади од Блискиот Исток, вклучувајќи ги Ирак и Турција, меѓусебно договорија изградба на нафтоводи. Сепак, изградбата би можела да потрае со години, што укажува на тоа дека протокот ќе остане клучен дел од трговијата со нафта.

Во последните месеци, американската војска се обидува да осигура безбеден премин на танкерите преку низ јужниот пловен канал на теснецот, покрај брегот на Оман, и спроведува повеќемесечна блокада на иранските пристаништа. Овие потези се дел од обидите на администрацијата на Трамп да ѝ нанесе финансиска штета на Исламската Република, откако минатата недела Министерството за финансии ја засили својата економска кампања против режимот. Бесент ги предупреди земјите што одржуваат финансиски врски со Иран дека ризикуваат да бидат исклучени од системот на американскиот долар.

Ограничувањата што иранската војска ги наметна врз поморскиот сообраќај во теснецот во текот на повеќе од шест месеци војна го забавија протокот, што доведе до зголемување на цените на нафтата. Цената на барелот сурова нафта од типот „брент“ денеска се крена над 95 долари. На крајот на февруари, пред САД и Израел да ја почнат војната против Иран, барелот беше 72,48 долари.

Цените на горивото во САД исто така нагло пораснаа. Националниот просек за галон обичен бензин вчера изнесуваше 4,09 долари. Два дена пред почетокот на војната, цената беше 2,98 долари за галон.

******
Види и: Нафтата си најде пат околу Ормускиот проток

2 септември 2026 - 11:27