Вашингтон пост пишува дека генерал Кирило Буданов, првиот човек на украинското воено разузнавање, ХУР, му наредил на свој офицер „да се подготви за масовни напади на 24 февруари... со сè што ХУР има на располагање.“
Освен Москва се размислувало и за напад на пристаништето на Новоросиск на руска територија кој требало да го покаже капацитетот на Украинците да нападнат зад непријателските линии. Плус напад на припадниците на Вагнер групата кои моментално се распоредени во Мали или на руската војска во Сирија со помош на тамошните Курди.
На два дена пред годишнината, ЦИА пушта нов доверлив извештај во кој стои дека „ХУР, на барање на Вашингтон, се согласил да ги одложи нападите“ на Москва.
Како што објаснува Пост, информацијата добиена од документите протечени на Дискорд, е конкретен пример „за пошироките тензии кои обележуваат добар дел од војната: Украина, желна да го пренесе судирот на руска територија, понекогаш е ограничена од САД, кој се обидува да избегне ескалирање на конфликтот во директна војна меѓу американските и руски сили.“
Дополнителна загриженост е дека напад на руска територија ќе биде искористен од Кина да го прикаже НАТО како агресор и по таа основа би ја зголемила помошта за Русија доколку процени дека нападите се значителни.
„За сега официјални лица тврдат дека нема индикација дека Кина го исполнила барањето на Русија за смртоносна воена помош. Но, украински напад врз Москва во кој се користи оружје обезбедено од САД или НАТО веројатно за Пекинг ќе значи дека 'Вашингтон е директно одговорен за ескалирање на конфликтот' и ќе даде можно оправдание за Кина да ја вооружи Русија,“ пренесува Пост дел од анализата на американското разунавање.
Пример заради американската забрана за користење на американско оружје за напади на Русија, декемврискиот напад на рускиот стратешки бомбардер на руска територија е извршен со дронови од украинско производство.
Послушноста на Киев на барањата на САД се објаснува како нивен обид да го охрабрат Вашингтон да им испорача помодерни оружја со поголем домет, кои би биле користени во согласност со насоките од Вашингтон.
Буданов во јануари без да презема одговорност изјави „ова ја растури нивната илузија за безбедност. Има луѓе кои сакаат да постават експлозиви. Има дронови. Се додека не биде вратен територијалниот интегритет на Украина, ќе има проблеми во Русија.“
Во протечените документи јасно се гледа дека американските разузнавачки служби постојано ја следат комуникацијата на Буданов, што не е изненадување за генералот. Од Пост раскажуваат како за време на претходни интервјуа во неговата канцеларија Буданов постојано пушта музика или некоја бука во позадина.