Америка го депортираше човекот кој навиваше за депортации

Американските внатрешни работи соопштија дека Мајло Јанопулос е депортиран во Велика Британија, еден ден откако на аеродромот во Њу Орлеанс беше упасен од службите за спроведување на имигрантските политики (ICE). Десничарскиот провокатор со години апелираше САД да депортираат милиони илегалци од земјата. И види сега.

Американските власти објаснија дека Јанопулос легално влегол во САД во 2019 година но се заборавил и го злоупотребил гостопримството на државата, во меѓувреме не доаѓајќи на разговор со службите.

Мајло Јанопулос е британски државјанин со грчко потекло, хомосексуалец е и десничар кој кариерата ја направи со шокирање, гневење на јавноста и политички театар.

На пример, за Мајкл Џексон изјави: „Благодарен сум му на отец Мајкл. Да не беше тој, немаше да научам толку добро да пушам“.

Работеше за Брајтбарт, Мерџори Тејлор Грин и за Кање Вест, кому му беше шеф на штабот во неговата јалова кампања за претседателски избори во 2020 година, кога пропорционално собра гласови колку оној Петар Богојески.

Менуваше ставови како чорапи но во едно беше постојан, околу илегалната миграција.

 „На Калифорнија ѝ се потребни контролни пунктови на ICE на влезовите на супермаркетите, бензинските пумпи, трговските центри, раскрсниците и владините згради“, напиша тој во лани во јуни, „со депортација на лице место за секој што не може да докаже дека е легално во САД“.

И ова:

„Треба да депортираме милиони и милиони имигранти, без тоа, сè е џабе.“

Подоцна посакуваше мигрантските служби да го уапсат британскиот левичарски коментатор Мехди Хасан, замислувајќи го како се дере „Јас сум поголем Американец од вас!“ додека го влечат кон авионот кој за него лета во еден правец.

Иронијата среди тој да е лузерот од своите приказни. Чудно е што воопшто инсистираше на оваа тема со оглед на тоа дека не е американски државјанин.

Додуша, еднаш кај Џо Роган се објасни:

„Мислам на лошите имигранти. Не мислам на згодни, шармантни, успешни, русокоси британски имигранти... се работи за култура.

Надлежните проценија дека Јанопулос не е до толку згоден, шармантен, успешен и русокос колку што се мисли. Особено откако радикално го смени мислењето за Трамп, кого своевремено го викаше „Daddy“ (како оној гмизавец од НАТО) а потоа се разочара од него, се здружи со анти-МАГА ликови како Ник Фуентес а за Трамп имаше ново име - „човекот од мочуриштето“.

 

30 август 2026 - 15:52