Ако си претседател, Саудиска Арабија може да ти подари 700 милиони долари

Десетици илјади граѓани на Малезија лани во август излегоа на улиците на Куала Лумпур барајќи одговор на прашањето како било можно близу 700 милиони долари од еден инвестициски фонд да завршат на личните сметки на нивниот претседател. Неколку месеца подоцна стигна одговорот кој допрва отвори нови прашања

Да станат работите одма појасни, одговорот го даде јавниот обвинител, поставен од претседателот Наџиб Разак. Тој официјално процени дека Наџиб е чист и дека во случајот нема ништо спорно. А оние пари биле личен подарок за него од Саудиска Арабија. И дека за да нема  сомнежи, парите после биле вратени, сите освен 61 милион долари (јеби га).

Ете, така.

Џабе рипале луѓето.

Неименуван "добро позициониран" извор од Саудиска Арабија за ББЦ рекол дека подарочето од пред три години било одобрено од самиот врв на Саудиска Арабија односно покојниот крал Абдула, а се собрало што од неговите лични а што од државните трезори. Министри не ни знаеле за донацијата.

Истиот извор рекол дека саудиската влада рутински дава по минимум 100 милиони долари за оние кои се борат против Муслиманското братство кое Саудијците го сметаат за терористичко движење. А владеачката партија во 2013-та требаше изборно да се соочи со опозициската коалиција чиј дел беа и Пан-Малезиската исламистичка партија која е инспирирана од Муслиманското братство. 

Слични подароци биле испратени во Јордан, Мароко, Египет, Судан.... и којзнае каде сè не.

Парите се слевале на сметката на претседателот преку банки и компании поврзани со еден инвестициски фонд. Регионалниот шеф на американскиот финансиски гигант Голдман Сакс кој посредувал во трансакциите земал одмор на неодредено време и се префрлил во САД.

Многумина Малезијци се згрозени од потрошувачките навики на претседателот и фамилијата, особено неговата жена и нејзините шопинг баханалии. Таа семејна мрежа поседува импресивни имоти на Беверли Хилс а последниот пат кога ги зачеша рачето, си купија апартман во Њујорк за 30-тина милиони долари.


 

Инаку, по опозиционите протести во август, владеачката партија на Разак во септември организираше контрa-протести со цел 'да се зачува дигнитетот на земјата'.