Иако ЕУ едногласно го секна патничкиот авионски сообраќај за Русија уште во февруари, таа не го допре копнениот. Па така сега Финците алармираат дека Русите цело ова време возат со кола до Хелсинки и од таму со авион тераат каде сакаат низ светот.
Финските власти порачуваат дека тие не сакаат да се транзит зона за руски туристи, ама и да сакаат сами не можат да го спречат тоа.
Руските туристи цело ова време се вадат на Шенген, па додека Финска, останатите балтички држави, плус други членки на Унијата, одбиваат да им дадат визи, држави како Шпанија, Австрија или Грција немаат ни најмал проблем да удрат Шенген печат во руски пасош.
„Доаѓаат тука со Шенген визи дадени од различни други држави и потоа продолжуваат понатаму преку аеродромот во Хелсинки,“ изјавил финскиот министер за надворешни работи, Пека Хависто.
Според анализа на финските цариници за август месец, над две-третини од Русите што ја минуваат источната финска граница тоа го прават со Шенген виза која не е издадена од Финска.
„Унгарија, Шпанија, Италија, Австрија и Грција обично им издаваат визи на Русите, и тие главно секоја година се најбројни,“ изјавил претставник на финската царина.
Правилата на Шенген не и дозволуваат на Финска да ја затвори границата за конкретни националности, и таква одлука може да се донесе само заеднички на ниво на ЕУ.
Само во јули имало над 230.000 поминувања на руско-финската граница.