Администрацијата на Трамп повеќе не спомнува „масовни депортации“

Откако убиството на двајца Американци во јануари ја сврте јавноста против агресивните тактики на службите за имиграција, администрацијата на Доналд Трамп тивко ја промени реториката. Престана да спомнува масовни депортации, со надеж дека до изборната кампања ќе се заборави на инцидентите од Минеаполис.

На депортациите се гледа поинаку откако во Минеаполис силите за имиграција смртно застрелаа двајца американски државјани – Рене Никол Гуд на 7 јануари и Алекс Прети на 26 јануари.

Преглед на објавите на главните профили од администрацијата на Доналд Трамп покажува дека во изминатиот месец само еднаш се спомнати „масовни депортации“. За споредба, во претходните четири недели тој израз бил употребен повеќе од десетина пати.

На официјалниот информативен профил на Белата куќа до средината на јануари масовните депортации постојано беа поврзувани со намалување на криминалот, отворање повеќе работни места и спуштање на цената на кириите. Но, изразот последен пат бил употребен на 12 февруари, кога „царот“ за обезбедување на границите Тим Хоман беше испратен во Минеаполис за да ги смири протестите против акциите на Агенцијата за имиграција.

Стивнаа и објавите од прес-секретарката Каролин Левит и заменик-шефот на кабинетот Стивен Милер, иако тие се уште нотираат кога имигранти се уапсени поради насилни криминални дела.

Со инцидентите во Минеаполис се поврзува и разрешувањето на министерката за внатрешна безбедност Кристи Ноем. На нејзино место е номиниран сенаторот Марквејн Малин.

Портпаролката на Белата куќа, Абигејл Џексон, изјави дека спроведувањето на имиграциските закони на администрацијата не се менува.

Највисок приоритет на претседателот отсекогаш била депортацијата на нелегални имигрантски криминалци кои ги загрозуваат американските заедници. 70% од депортациите досега биле неовластени имигранти со криминални досиеја. Границите на САД девет месеци по ред се најбезбедни во историјата, изјави Џексон.

Но, очигледно стивна агресивната реторика. Ова доаѓа во време кога републиканците се загрижија за исходот од изборите за Претставничкиот дом и Сенатот во ноември оваа година. Повиците за масовни депортации, кои беа белег на Трамп уште од предизборната кампања, па се до крајот на првата година од мандатот, сега се сметаат за политичка ранливост, особено меѓу гласачите од хиспанско потекло.

Неодамнешни анкети покажаа дека повеќе од една третина од следбениците на движењето МАГА на Доналд Трамп ја поддржуваат политиката за нелегалните имигранти, но не и нејзиното агресивно спроведување. 

На годишниот собир на републиканците од Претставничкиот дом, заменик-шефот на кабинетот на Белата куќа, Џејмс Блер, приватно ги повикал конгресмените да ги фокусираат своите пораки на „отстранување на насилни криминалци“, наместо на „масовни депортации“.

Во таа насока се и промените во јавното рекламирање на Министерството за внатрешна безбедност. Во фокусот повеќе не се снимки од приведувања, туку жртви на нелегалната имиграција.

17 март 2026 - 14:36