96% од починатите во Италија страдале и од други болести

Првичниот општ консензус околу ужасниот исход што ковид-19 го имаше во Италија беше дека земјата има исклучително стара популација. Од неодамна ова е надградено во - стара популација со претходни болести.

Просечната возраст на Италијанците кои починаа од ковид-19 е околу 80 години покажуваат бројките од италијанскиот институт за здравје ИСС.

„Најновите бројки покажуваат дека новите случаи и жртви имаат заеднички профил: главно постари луѓе со претходни болести,“ објави првиот човек на ИСС, Силвио Брусаферо.

Од претходни состојби 68% имале висок крвен притисок, 30% биле со дијабетес, а 28% страдале од срцеви заболувања.

На ниво на заразени просекот е 62 години, а околу 30% од нив се под 50 години. И покрај ова само 1,3% од жртвите на вирусот се под 50 години, додека над 57% се постари од 80. Речиси половина од новите случаи регистрирани во мај се во старечки домови. Слабата страна на овие бројки е што тие не ги опфаќаат случаите на лица кои починале во своите домови без да бидат тестирани.

Италија како првичен епицентар на пандемијата во Европа, на 4-ти мај почна да ги олабавува мерките за изолација. Тогаш имаше 32.000 смртни случаи и над 230.000 заразени. Комплетното враќање на слободата на движење во земјата е закажано за 3-ти јуни, со тоа што ова може и да не важи за северот на земјата.

Од ИСС нагласуваат дека во првиот квартал од годинава Италија имаше 11.600 повеќе „необјаснети“ смртни случаи во споредба со претходните години, од кои ниту една не е заведена во ковид-19 графата.

26 мај 2020 - 15:10