22-цата најбогати мажи на светот имаат повеќе пари отколку сите жени во Африка

Мажи кои не се доволни да се наполни ни половина градски автобус располагаат со повеќе пари, имот и останати финансиски благодети, отколку сите 325 милиони жени што живеат во Африка.

На светско ниво жените дневно одработуваат 12,5 милијарди часови неплатена работа во форма на грижа и нега, што е три пати повеќе отколку работните часови на целата глобална технолошка индустрија.

Бројките се од Оксфам, според кои жените низ светот, посебно оние што живеат во сиромаштија, вршат над три четвртини од целата неплатена грижа и нега низ планетава, што е „хронично потценето и земено здраво за готово од бизнисите и владите низ светот“.

Исто така од Оксфам е и математиката за 22 мажи вс. сите жени на африканскиот континент.

Она што тие пресметале е дека ако најбогатиот 1% на светот плаќаат по 0,5% данок на нивното богатство (само на постоечкото богатство не и на приходите) ќе биде доволно за во следните 10 години да се платат 117 милиони работни места во образование, здравје, и грижа за возрасни.

Ваквото размислување се базира на фактот дека глобалната популација (посебно во богатиот дел од планетава) се повеќе старее, па се смета дека до 2030 на 2,3 милијарди луѓе ќе им треба грижа и нега.

20 јануари 2020 - 15:26