Заминување на „Папата од Давос“

Клаус Шваб замина од челото на Светскиот економски форум чиј основач беше, со резили кои не прилегаат на неговата вистинска моќ и влијание (терал вработени да извлекуваат пари од банкомати за да се чалами со луксузи). Но, проблемот на религијата на глобализмот на која тој ѝ беше Папа е поголем од сето тоа. После Брегзит и Трамп, глобалистичкиот елитизам изгледа сосема шуплив и надвор од реалноста. 

За да се сфати значењето на заминувањето на Клаус Шваб, треба да се разбере улогата што тој ја имаше во митологијата на глобализмот. Повеќе од која било друга личност, Шваб ја персонифицираше квази-религијата на глобализмот. Ако тој беше Папа на црквата на глобализмот, негови кардинали беа членовите на одборот на доверители на Светскиот економски форум, вклучувајќи ја претседателката на Европската централна банка Кристин Лагард, извршниот директор на „БлекРок“, Лари Финк, и поранешниот потпретседател на САД, Ал Гор. 

Тие се дел од првотимците на Давос - членови на супербогатата западна олигархија и нивните селебрити - чирлидерки кои секоја година се собираат во швајцарскиот планински град Давос. 

Една од дефинирачките карактеристики на „Човекот од Давос“ е да се промовира глобалистичката фантазија, која претпоставува дека националната држава е остарен анахронизам а најпогодни за управување со светот се меѓународните институции (како СЕФ). Дека нема национални решенија за предизвиците со кои се соочува светот, туку само глобални.

Иако пропагандната машинерија функционираше беспрекорно, зад сцената беше очигледно дека глобализмот постепено се распаѓа, вели Френк Фуреди.

СЕФ никогаш реално не ја преброди глобалната финансиска криза од крајот на 2000-тите, а дополнително беше погоден од геополитичкиот конфликт зачнат со руската инвазија на Украина во 2022 година. И двата настани доведоа до поголем економски протекционизам низ целиот свет.

Митот за глобализацијата најспектакуларно експлодираше во 2016 година со гласањето на Велика Британија за напуштање на ЕУ, по што следеше изборот на Доналд Трамп за претседател на САД. 

Шваб не го потценуваше значењето на овие настани. Долго пред Брегзит и Трамп, уште во 1996 година, Шваб ја препозна опасноста од реакците на ефектите на глобализацијата која ќе се манифестира во подем на нов бран популистички политичари (терминот популизам во суверенистичкиот блок нема пежоративно значење).

„Неуспехот на СЕФ произлегува од неговото длабоко неразбирање на тоа што всушност го поттикнува популизмот. До ден-денес, глобалистите не можат да го сфатат фактот дека значаен дел од западниот електорат ги сфаќа сериозно националната држава и националниот идентитет. Перспективата на СЕФ и олигарсите е целосно одвоена од сензибилитетот на луѓето чии животи се вкоренети во нивната нација“, пишува Фуреди.

Фантазијата на глобалистите, дека идентитетските политики и елитниот космополитизам ќе му ја вратат легитимноста на глобализмот - беше брутално разбиена со реизборот на Трамп во 2024 година. 

Како што рече еден коментатор, „Помалку од 48 часа од почетокот на Трамп II, присутните во Давос не само што се борат да најдат одговори, туку им е нејасно и кое е прашањето“.

„Оставката на Шваб е сигнал дека славните денови на Давос се завршени. Речиси сè во што Светскиот економски форум отсекогаш верувал сега се чини празно и надвор од реалноста. Се разбира, ќе има промени во гардот на меѓународните институции, во очаен обид да се заштитат последните остатоци од глобалистичките елити. Што ќе се случува останува неизвесно. Но, иднината повеќе нема да се обликува во Давос“, предвидува Фуреди.

 

26 април 2025 - 18:23