Коронавирусот успева да го окупира Лестер (зошто не е Лечестер) благодарејќи на бескрупулозни газди на шивачките погони кои ги терале работничките да продолжат со аргатлукот и во време на пандемија при што и кога биле очигледно болни од ковид, тоа не било оправдување за отсуство од работа.
Се работи за модерно ропство, едногласен е панелот на ПБС кој дискутирал на темата на азиските сламови во Лестер во кој андеркавер новинар се вработил за 4,40 долари на час, што не е ни половина од законскиот минималец во Англија кој изнесува 11 долари. Работниците прифаќаат да работат за тие пари, што од немај каде, што заради фактот што им се даваат на рака па можат да избегнат даночење и социјални давачки.
Со шивачниците во Лестер доминираат Сики и муслимани и во нив се вработени околу 10.000 луѓе, главно Африканци, Азијци и други етнички малцинства кои се британски државјани.
„Последниве две децении имаше спорадични објави за текстилните погони во Лестер но преку последниве објави не може да се помине поради фактот што погоните послужија како инкубатори за заразата. Ковид-19 ја откри малата валкана тајна на градот а британскиот еквивалент на ФБИ сега ги истражува наводите за ропски однос кон вработените“, објаснува британскиот новинар Малколм Брабант.
Во секој случај, се работи за огромен системски неуспех на сите надлежни агенции и инспекторати, на полицијата, локалните власти, социјалните служби и другите инстанци чија задача е да ги заштитат луѓето од експлоатација и понижувачки услови за работа.