За да се следи глобалната побарувачка за храна, ОН проценува дека годишно ни се потребни нови 6 милиони хектари обработливо земјиште. Наместо ова, ние секоја година губиме по 12 милиони хектари обработливо земјиште заради деградација на почвата.
Журналот Антропоцен објавува студија во која анализата на недопрена почва од француско езеро од 11-от век, покажала дека техниките кои требаше да помогнат да се прехрани светот ја забрзале стапката на ерозија на почвата за 60 пати.
Сосема друго истражување, во Британија, покажува дека почвата во бавчите низ градовите кои рачно се обработуваат, содржи 3 пати повеќе органски јаглерод и 25% повеќе азот отколку земјоделската почва. Ова е една од причините зошто сопствениците на овие бавчи произведуваат меѓу 4 и 11 пати повеќе храна по хектар отколку земјоделците.
Осврнувајќи се на проблемот со почвата (збори за Британија) Џорџ Монбио објаснува дека годинава се донесени нови стандарди за почва, кои се "маргинално подобри" отколку оние кои беа заменети. Според него Националната унија на фармери славела кога минатата година успеала да го спречи носењето на Европската рамка за почва, "единствената мерка со потенцијал за спречување на кризата со ерозија на почвата."
"Повеќе не ни има апетит за изучување на проблемот. Само еден Универзитет - Абердин - нуди студии за изучување на почвата. Сите останати се затворени.
Ова е она заради што паѓаат цивилизации. Војната и чумата убиваат голем број луѓе, меѓутоа во најголем дел од случаите популацијата се враќа на старите бројки. Меѓутоа ако ја изгубиш почвата се' оди со неа...
... Речиси сите други прашања се површни во споредба со ова. Проблемите што сега ни изгледаат како голема криза се безначајни кога ќе се споредат со константното одлевање на нашиот опстанок," порачува Монбио.
Позитивната страна е што имаме повеќе можни (ама не лесни) решенија за проблемот со уништување на почвата:
- Во неколку делови од светот земјоделците експериментираат со земјоделство без орање, и наместо вознемирување на целата почва тие прават дупка и секое семе посебно го посадуваат.
- Да не се остава гола почва.
- работа со комплексни системи кои соработуваат со природата наместо да ја заменат (пермакултура).