Срамот од 70 милијарди долари

Минатата година Американците имаат потрошено повеќе пари на лотарија отколку што имаат вкупно потрошено на книги, видео игри и влезници за филмови и спортски настани.

Сумата од 70 милијарди долари е од потрошувачката на лотарија во 43 од 50-те сојузни држави. Ова излегува по 230 долари потрошени од секој маж, жена и дете во овие сојузни држави (или по 300 долари ако ги броиме само возрасните).

Споредбата од воведот се однесува на потрошувачката на овие ставки собрана од сите 50 сојузни држави. Инаку не станува збор за рамен просек низ цел САД, и тој се движи од 36 долари годишно во Северна Дакота, до 755 долари по глава на жител во Јужна Дакота. Врвот е во Роуд Ајланд со речиси 800 долари по глава на жител.

"Лотариите тргаат на страна околу 40% од приходите од продажба за државата. Освен ова, и секој добитник на повеќе од 600 долари треба да плати данок од 45% за добивката. 'Куќата' добива дури и кога губи," објаснува Дерек Томсон во Атлантик.

Во целата ова потрошувачка главно губат сиромашните. Според студија на Дјук Универзитетот од 1980-та, најсиромашните 30% од населението купува половина од сите лото ливчиња, делумно и затоа што лотаријата најагресивно се рекламира во најсиромашните населби.

Студија од 1986-та покажува дека играчите на лото се 50-50 поделени за тоа дали играат за пари или од забава. Ама истото прашање поделено по социјална линија покажува дека кај оние со годишни приходи помалку од 30.000 долари, само 25% играле заради забава.

"Истражувачите откриваат и уште една работа: локалната продажба на лото ливчиња расте како што расте и сиромаштијата, ама ова не важи и за продажбата на кино влезници. Со други зборови лото игрите не се само уште една форма на евтина забава. Тие исто така се и молитва против сиромаштијата. Ова одговара на она што истражувачите го нарекуваат 'хипотеза на очајот': Сојузните држави ги прават своите најбезнадежни граѓани зависни од коцка за да платат за владините услуги," пишува Томсон.

 

12 мај 2015 - 17:09