На почетокот на секоја година, нè пречекуваат мноштво прогнози, претежно од „учени“ луѓе, за тоа што нè очекува во новата година. Постојат две главни карактеристики на овие прогнози - тие се надуени („дефинитивно ќе биде така“) и дистописки („нема да биде добро“).
Она што отсуствува се „не знаеме“, „не сме сигурни“, „мора да размислиме за тоа“, фрази што укажуваат на епистемолошка скромност.
Во денешното време кое би можеле да го наречеме „дигитално“, „постмодерно“ и/или „поствистина“, скептицизмот е заборавен, пишува Карло Јурак.
Луѓето денес не смеат „да не знаат“. Неизвесноста е прогонета. Од поединци, експерти и институции се очекува да имаат став - јасен, брз и недвосмислен - дури и кога достапните информации се недоволни, фрагментарни, променливи и контрадикторни. Сомнежот не се толерира како метод, туку се гледа како закана.
Најмногу примери за ова доаѓаат од неодамнешната и најголема криза на 21 век - ковид пандемијата. Не само што се очекуваа брзи и недвосмиелни одговори за сè, туку секое сомневање, преиспитување и критичко размислување беа систематски прогонувани. Прогонот на критичкото размислување дури и го поврзуваше секој скептицизам со антимодернистичките тенденции отелотворени во негирањето на научните достигнувања (т.н. антиваксеризам) и тенденција кон теории на заговор.
После пандемијата, отсуството на скептицизам е повидлив во сите области отколку порано - „се знае“ точно што прави Русија, што ќе прави Трамп како претседател, како да се бори против климатските промени итн.
Античките скептици не само што ја ценеле епистемолошката воздржаност туку и ја сметале за доблест во етичка смисла. Држеле до воздржаност од донесување судови, препознавајќи дека заклучоците (на здравиот разум) честопати се недоволни за конечен суд. Денес тоа напуштено: брзината на реакција ја замени разумноста, а сигурноста во судовите е замена за вистината.
„Дополнителен проблем на денешницата е што поради дигиталните алгоритми и „мноштвото мали приказни“, се соочуваме со нешто парадоксално на прв поглед – плурализам на меѓусебно конкурентни „сигурни верувања“ организирани во ехо комори. Како се одразува ова? Социјалните мрежи, медиумите и алгоритмите ја наградуваат брзината (брзоплетоста) и афективноста, а неизвесноста и воздржаноста ја карактеризираат како кукавичлук и слабост. Ехо коморите во овој дигитален свет се машини за производство на „сигурност“, честопати и „меѓусебно конкурентни сигурности“. Тие ги прават постојните верувања отпорни на сомнеж бидејќи слични ставови се повторуваат во комората, несогласувањето е морално проблематично а аргументите се оценуваат според силата на нивната афективност“.
Актуелната доминација на алгоритмите нè наведува да помислуваме дека „сите мислат така“. Ехо-коморите нудат емоционално стабилни одговори во услови на радикална неизвесност, додека скептицизмот инсистира да се препознае легитимноста на неизвесноста. Токму во ситуации кога искушението е најголемо, скептицизмот најбрзо се отфрла, иако тогаш е најпотребен.
Терапијата не може да биде нова доктрина што ќе замени еден сет на сигурности со друг сет на сигурности. Терапијата мора да се занимава со тоа КАКО размислуваме, а не со тоа ШТО мислиме.
Првиот терапевтски чекор е практикување на воздржаност како лична дисциплина. Ова значи свесно одложување на донесување судови кога причините и аргументите се недоволни: тоа не ја парализира акцијата, туку ја поотпорна на грешки.
Вториот чекор е нормализацијата на неизвесноста во јавниот и научниот дискурс. Јавната комуникација што не толерира реченици како „сè уште не знаеме“ или „не сме сигурни“ не гради доверба, туку произведува лажна сигурност, која, кога се покажува кревка, се претвора во цинизам и недоверба. Довербата не се гради со елиминирање на неизвесноста, туку со нејзино искрено менаџирање.
Третиот терапевтски елемент би било враќањето на фундаменталните разликувања на впечатокот од заклучокот, сигурноста од оправдувањето, верувањето од знаењето. Во култура на ехо-коморите, овие разлики систематски се бришат. Скептицизмот е метод за одржување на овие разлики во живот. Скептицизмот е коректив на инфлацијата на многу „конкурентни сигурни вистини“.
Make Skepticizam Great Again.