Паметните уреди не ги опаметија учениците

Извештај на ОЕЦД покажа дека поголемиот дел од образовните технологии (EdTech) не ги испорачале, своевремено на сите ѕвона ветуваните академски придобивки. Лани Шведска реши да дигне малку рачна и да ги потсети учениците дека постојат и хартиени книги а и стари вештини како што е фаќање белешки. Кога имаат компјутер, учениците во просек издржуваат само 6 минути со задачата.

Во меѓувреме, глобалните резултати од тестовите по математика, природни науки и читање опаѓаат. Овие трендови беа влошени од ковид пандемијата, но започнаа во раните 2010-ти, токму кога дигиталните уреди почнаа масовно да доаѓаат во ученички раце.

Во дела како што е „Анксиозна генерација“ се објаснуваа придобивките од училишта без телефони или барем нивно гасење кога трае школскиот час.

После резултатите од ПИСА тестовите, сè почесто се поставува прашањето дали технологијата е баш супериорна во однос на традиционалните методи, ако е, тогаш од која возраст и во колкава мерка.

Основачката на Еврискул, Ема Томпсон, раскринкува пет митови за користа на образованието преку уреди и говори за лажните ветувања на таквите методи.

Џаред Куни Хорват оди чекор понатаму, па заклучува дека EdTech револуцијата пропаднала и објаснува зошто многу училишта во Европа југоисточна Азија се враќаат кон традиционалните методи.

Лани во мај, надлежната министерка објави дека шведските училници ќе олабават со дигиталната технологија и ќе се свртат кон традиционални практики како што се читање аналогни книги и рачно фаќање белешки. На апостолите на дигитализацијата не им се веруваше дека вака напредна држава се решава на таков чекор.

Кога користат компјутер за домашна работа, учениците обично се посветуваат на задачата помалку од 6 минути пред да тркнат до социјалните медиуми, да испраќаат пораки со пријателите или нешто друго дигитално да ги одвлече на друга страна. А кога користат лаптоп за време на часовите, обично поминуваат 38 минути од секој час надвор од задачата.

(Обично тоа го објаснуваат како „мултитаскинг)“.

Во едно неодамнешно глобално истражување, 92% од учениците имаат пристап до компјутер на училиште. Во Нов Зеланд, 99% од училиштата се опремени со брз интернет, додека во Австралија има и повеќе компјутери отколку ученици. Во САД, владините трошоци за производите на EdTech за јавните училишта надминуваат 30 милијарди  долари годишно.

Па сепак:

„Учениците кои многу често користат компјутери на училиште имаат многу полоши резултати... А можеби најразочарувачкиот наод е дека технологијата е од мала помош во премостувањето на јазот во вештини меѓу привилегираните и обесправените ученици“, се наведува во извештајот на ОЕЦД.

13 ноември 2024 - 15:29