
Тоа го регистрираат и Обединетите нации, најрелевантниот извор на популациони прогнози.
До неодамна, нивните модели предвидуваа дека глобалната популација ќе продолжи да расте во целиот 21 век, достигнувајќи врв од речиси 11 милијарди до 2100 година. Но, во своите последни ревизии, ОН тивко ги намали своите проекции па најновата проценка пикот го става на 10,3 милијарди, и ќе дојде речиси две децении порано, околу 2084 година.
Тоа сè уште е голема бројка, но тоа е нагло отстапување од претпоставките за „бесконечен раст“ што многу креатори на политики, инвеститори и институции сè уште ги користат за донесување одлуки. Настрана што што многу демографи веруваат дека дури и сегашните бројки се превисоки.
Промената во проекциите не се случува затоа што луѓето умираат побрзо. Во повеќето делови од светот, очекуваниот животен век продолжува да расте, иако скромно.
Големата промена е што луѓето имаат помалку деца - многу помалку.
Околу 1970 година, глобалната стапка на фертилитет (просечниот број на деца што една жена ги има во текот на својот живот) беше околу пет деца по жена. Денес, таа е намалена на 2,25 и опаѓа. Во речиси 70% од земјите во светот, стапките на фертилитет се веќе под таканаречената „стапка на замена“ - нивото потребно за одржување стабилна популација. Во развиените земји, тоа обично се проценува на околу 2,1 деца по жена.
Овој глобален пад на фертилитетот се случи побрзо отколку што очекуваа повеќето експерти па затоа ООН мораше да ги ревидира своите модели двапати за само пет години.
Не се доволно храбри, сметаат за ОН неколку независни тимови експерти кои развија алтернативни проекции за населението. Повеќето од нив покажуваат дека плодноста ќе се намалува побрзо отколку што предвидува Светската организација. На пример, тим од Институтот за здравствени метрики и евалуација на Универзитетот во Вашингтон привлече големо внимание во 2020 година, кога предвиде дека глобалната популација ќе достигне врв околу 2064 година на нешто над 9 милијарди и потоа ќе се намали на околу 8,8 милијарди до 2100 година.
Волфганг Луц, еден од најпочитуваните демографи во светот, исто така објави проекции што покажуваат понизок и поран пик на населението. Тие се базирани на трендовите на образованието и урбанизацијата, кои се тесно поврзани со трендовите на плодноста. Во анализата од 2024 година на анкети во кои учествувале над еден милион жени во Субсахарска Африка, Луц и неговата екипа заклучија дека стапките на плодност таму паѓаат побрзо од очекуваното, особено како што се подобрува образованието на жените.
Како што рече луцидниот Јоги Бера (американскиот Грунф од Алан Форд):
Предвидувањата се тешки, особено за иднината.