Дури 80% од емисиите на јаглерод диоксид во светот во периодот од 2016 до 2022 година се резултат на само 57 корпоративни и државни производители на фосилни горива и цемент, објави тинк-тенкот InfluenceMap во својот нови извештај.
Според истражувачите, саудискиот нафтен гигант „Арамко“, рускиот гасен гигант „Газпром“ и државниот производител „Коал Индија“ се топ три компании кои емитуваат јаглерод диоксид.
Минатиот месец, најновиот извештај за емисиите на Меѓународната агенција за енергетика (IEA) покажа дека и покрај падот на употребата на фосилни горива во развиените економии, глобалните емисии поврзани со енергијата се зголемија во 2023 година на уште едно рекордно високо ниво бидејќи употребата на јаглен се зголеми на големите пазари во развој погодени од ниското производство на хидроенергија.
Глобалните емисии на јаглерод диоксид (CO2) поврзани со енергијата пораснале за 1,1% и лани достигнаа ново рекордно ниво од 37,4 милијарди тони.
Емисиите од јаглен сочинуваат над 65 отсто од порастот во 2023 година, соопшти ИЕА. Порастот на производството на електрична енергија на јаглен беше резултат на глобалниот недостаток на хидроенергија поради сушите.
Извештајот ја користи базата на податоци Carbon Majors, основана во 2013 година која регистрира податоци за производството на фосилни горива од 122 најголеми светски производители на нафта, гас, јаглен и цемент.