
Напстер, истиот оној што пред четвртина век беше најпосетената дигитална платформа и првиот голем пират во морето од песни на интернет, е продаден за 207 милиони долари.
Нов сопственик е компанијата за 3Д технологија Infinite Reality. Директорот Џон Акунто тврди дека стариот Напстер има иднина и капацитет за маркетинг во идниот метаверзум.
Infinite Reality планира да создаде виртуелни простори во кои љубителите на музиката ќе можат заедно да уживаат во концерти или да организираат забави, на кои авторите ќе можат да ги продаваат своите песни.
Едноставно не гледаме некој што создава простор за музика во индустријата за стриминг. Мислам дека нема подобро име од Напстер за таква улога, вели Акунто.
Своевремено иновативна технологија пир-ту-пир на Напстер во 1999 година го популаризираше споделувањето на дигитални содржини од приватните датотеки. Прво песни и фотографии, а потоа и филмови, кога беше зголемен протокот и капацитетот на поврзувањето на интернет.
Обвинет за масовен грабеж на авторските права на изведувачите, Напстер беше уништен. Лавината тужби ја покрена хевиметал бендот Металика, откако на Напстер се појавија студиски верзии на нивните песни уште пред официјалната промоција на албумот. Кога на авторите им се придружи и Издавачката индустрија на Америка, Напстер банкротираше.
Брендот, сепак, остана и повеќе пати менуваше сопственици. Во 2016 година повторно се активираше во слична улога, но со платени авторски права, како стриминг сервис што на корисниците им наплаќа по 11 долари месечно. Но, остана ситна риба во новата дигитална музичка индустрија, во која доминираат Спотифај и Епл.
Во 2022 година нов сопственик на Напстер стана Алгоранд. Искуството на Алгоранд со блокчејн технологијата во комбинација со милионите платени лиценци за авторски права го привлече Infinite Reality да издвои 207 милиони долари за да го пренамени Напстер за „интернетот на иднината“.
Планот е Напстер да ја прошири социјалната димензија, да им овозможи нови функции на корисниците и да продава дигитални услуги и производи. Корисниците со слични музички вкусови ќе може да креираат сопствени клубови во виртуелен простор.
Уметниците ќе можат да создадат луди средини ограничени само од нивната имагинација. Замислете си реге уметник што ги претставува своите песни во атмосфера како на плажа, вели актуелниот директор Џон Власопулос.
Infinite Reality ѝ е малку позната на јавноста, иако во изминатите неколку месеци имаше неколку големи инвестиции во компании насочени кон виртуелната реалност, како Drone Racing League, Landvault или Obsess. Во јануари, компанијата објави дека обезбедила нови инвестиции од 3 милијарди долари, со што нејзината проценета вредност сега е 12 милијарди. Инвеститорите претпочитаат да останат анонимни.
Напстер не е единствениот легендарен бренд што добива втора шанса. Во изминатите години купени се и Кодак, Нокиа и производителот на врвни хај-фај уреди Мекинтош.