Иако Шанзелизе во тој период е преполн со туристи и пешаци, напаѓачот комплетно ги игнорира и се фокусира на полицијата. Во нападот еден полицаец е убиен, двајца се ранети, а убиецот е "неутрализиран". Целата област е затворена од властите, а на улица и околу најголемите знаменитости во градот француските војници станаа позабележителни.
И пред нападот Ле Пен води на анкетите меѓу 11-те кандидати пред првиот круг на претседателските избори. Очекувањата се дека таа ќе влезе во вториот круг, но токму тогаш нејзиниот екстремизам ќе биде одбиен од гласачите и ќе преовлада разумот.
По нападот, Жил Кепел, авторот на Подемот на џихадот на Западот, изјави "ова ќе биде лошо, затоа што главното прашање е колку ова ѝ помогна на Марин Ле Пен".
Според Кепел, врз основа на идеологијата на џихадисти како Абу Мусаб ал-Сури, целта на терористите е да предизвикаат насилна поделба на европската популација, "ставајќи ги христијаните - 'крстоносците' - наспроти муслиманските мигранти и нивните потомци, до точка на граѓанска војна".
"Во тој контекст, од џихадистичка гледна точка, победа на Ле Пен е нешто што се посакува. А терористичкиот напад може да биде пресвртница која беше премногу лесно да се изведе," порачуваат Кристофер Дики и Ерин Залески во текстот за Дејли Бист.
Нападот така и се одвива, убиецот вози покрај едно од многуте полициски возила што патролираат на Елисејските полиња и почнува да пука кон полицијата од автоматско оружје, пред да биде убиен. Тој од властите е идентификуван како 39-годишен француски државјанин жител на предградијата на источен Париз, инаку претходно познат на разузнавачките служби. Тој наводно пред нападот бил во затвор за напад на полиција.
Иако добија помалку внимание во јавноста нападите на полицајци и војници во изминатите неколку месеци неколку пати се повторија во Франција. Минатиот месец 39-годишен маж (издрогиран) беше убиен додека со нож држеше заложник една припадничка на француската војска. Во февруари беше застрелан маж кој со мачета нападна војници што патролираа во Лувр. Минатиот јули, симпатизер на ИСИС уби полицаец и неговата партнерка пред очите на нивниот 3-годишен син.
Синоќешниот напад следува само еден ден откако полицијата уапси две лица во Марсеј заради планирање терористички напад. Кај двајцата дома се најдени 3 килограми експлозив, неколку оружја и знаме од ИСИС. Како и во претходните случаи и овие двајца претходно биле уапсени.