Во Германија постои традиција на прогласување „Незбор на годината" од страна на панел лингвисти. Целта е да се критикува употребата на такви зборови и изрази чие значење се оценува како штетно, па дури и погубно за општеството. Незборот за 2014 (а богами и оние од претходните години) покажува врска помеѓу германскиот јазик и понекогаш загрижувачките промени во тамошниот светоглед.
Lügenpresse, германскиот не-збор за изминатата година, потекнува од времето на нацизмот. Буквално значи „печат кој лаже", а во современ контекст се користи за да се означат оние германски медиуми кои наводно ја извртувааат сликата за штетата која ја причинуваат имигрантите (а особено муслиманите) во Германија.
Прогласувањето на овој збор за добитник на лингвистичкиот пандан на „Златната малина" се случи еден ден откако анти-имигрантската група PEGIDA (Patriotic Europeans Against the Islamization of the West) во Дрезден организираше масовен протест на кој присуствуваа повеќе од 25,000 луѓе . Настанот, кој бил планиран пред минатонеделните напади во Париз, сега се одржа и во чест на жртвите, но и како промоција на анти-имиграциска платформа. Учесниците марширале извикувајќи Lügenpresse, halt die Fresse (Затворете ја устата, лажливи медиуми).
Ова инспирираше контра-протести, на кои во истиот тој Дрезден се собраа повеќе од 35,000 учесници (неколку часа пред овој собир се случи и нападот врз германскиот таблоид Хамбургер Моргенпост). Меѓу оние кои протестираа беа и припадници на група наречена „Карикатуристи против ПЕГИДА", кои изјавија дека нема да дозволат споменот на нивните колеги да биде користен и валкан во кал од вакви радикални струи во германското општество.
Други неодамнешни победници за незборови на годината ги вклучуваат Sozialtourismus („социјален туризам"), што во одреден контекст се однесува на имигранти кои доаѓаат во Германија за да уживаат во социјални повластици, и Döner-Morde (Донер убиства), што се однесува, без осуда туку со потсмев, на убиства на Турци и Грци во Германија.
Чисто за споредба со европската комплексност секогаш обременета со историја, Американското дијалектолошко здружение за збор на 2014 го прогласи #blacklivesmatter (#црнитеживотисеважни), и со тоа за прв пат за збор на годината прогласи хаштаг.