Седум напорни дена траеше последната европска турнеја на поранешниот американски претседател во која Бил Клинтон уста не затвори. Прво им се обрати на група мрсни корпоративни шефови во Швајцарија и Данска, потоа зборуваше пред еден кластер бизнис и политички лидери во Австрија за да финишира во Шпанската хала на Прашкиот замок, каде на тамошниот бизнис самит ги сподели своите размислувања за енергетските проблеми.
Хонорар за ова: 1, 4 милиони долари.
Откако се дозна дека неговата сопруга планира да наплати 225.000 долари за свое присуство на вечера за прибирање пари за Универзитет (види: Студентскиот арач на Хилари Клинтон), јавноста се потсети на нејзините поплаки дека со сопругот биле шворц откако ја напуштиле Белата куќа.
А од тогаш до лани, само за говори и предавања, Бил Клинтон има инкасирано 104,9 милиони долари. Тоа е неговата заработка за вкупно 542 платени говори при што моќниот глобален финансиски сектор се појавува како негов главен нарачател.
Иако повеќето говори ги одржал на домашен терен, главнината од приходите (56,3 милиони долари), му доаѓаат од тезги во странство.
Финансискиот сектор го најмил вкупно 102 пати за шти му биле платени 19,6 милиони долари. Но, има мудрувано пред разни групации, од дистрибутери на алкохолни пијалоци во Кина до фармацевти од Њу Џерси.
Хонорарите на Хилари не се јавно достапни но се знае дека нејзина стандардна цена е 200.000 долари за настап. И дека побарувачката за неа моментално е поголема од онаа на Бил.