Да бидеме на чисто дека Барса да продолжеше во финале со идентичен гол од корнер како оној на Ливерпул, утредента Англичаните ќе правеа референдум за излегување од УЕФА, а датумот за век и веков ќе беше запишан како една од најголемите неправди против кралството (они уште му паметат на Марадона за тоа раката). Исто да бидеме на чисто и дека Барса не заслужи да оди во финале, така да со среќа нека им е на Ливерпул. И да беа Италијанци против Тотенхем, а не млади Холанѓани, ќе бранеа резултат уште од 46-та минута, и немаше топка да стигне до гол. Ама па да беа Италијанци немаше ни да стигнат до полуфинале, така да нека им е со среќа на Тотенхем.
Нејсе, стигнати во финале што Шпанците може си го спремаа за себе (распоредот беше направен таман за Реал и Барса да се сретнат во финале), Англичаните сега ги мачи тоа што сè им поскапело за финалето во Мадрид.
Бидејќи Мадрид нема јатаци како нашиве што за Суперкупот пред некоја година скокнаа да го спасуваат чесниот англиски навивач и неговата макотрпно заработена плата, навивачите на Ливерпул и Тотенхем не стигнаа ни да се дорадуваат за тоа што влегле во финале а Шпанците веќе почнаа да маваат сатар.
Гардијан пренесува стории на неколку англиски навивачи чие однапред платено сместување на Ербиенби било откажано и потоа повторно понудено за неколку пати повисока цена.
Состојбата со летовите до Мадрид не е ништо подобра па или ги нема, или цената е многу поскапена. Од Изиџет објаснуваат: системот ги прави цените според побарувачката, а сега има побарувачка, и тоа ви е. Навивачите сега се обидуваат да стигнат до главниот град на Шпанија правејќи најразлични комбинации и префрлања на авиони, или авион и некаква форма на копнен превоз.
Англиската Федерација на навивачи побара од Ливерпул и Тотенхем да додадат дополнителни чартер летови до Мадрид за навивачите да стигнат на натпреварот.
Очекувањата се дека целата авантура до Мадрид и назад би го чинела просечниот навивач околу 2.000 фунти.
И двата клуба од УЕФА добија по 16.613 влезници поделени во четири категории: најевтини 60 фунти (20% од влезниците), следните се 154 фунти за влезница (54% од влезниците), по нив се оние од 385 фунти (21% од влезниците), и најскапите од 513 фунти (5% од влезниците).