Минатомесечната "одвратна глетка на нео-нацисти кои маршираат низ Шарлотсвил со факели" беше последица на најавите на градските власти дека ќе ја отстранат статуата на Роберт Ли, која е поставена во градот уште во 1924, "време кога линчувањето на црнци не е реткост".
Инспирирани од настаните во Шарлотсвил, во Британија се појавија поборници за симнување на Адмиралот Нелсон од неговиот столб на плоштадот Трафалгар во Лондон, заради поддршката што британскиот поморски херој своевремено ја дава на трговијата со робови. Пред две години, демонстранти бараа иста судбина да ја снајде скулптурата на Сесил Роудс во Универзитетот Оксфорд, заради "неговите ставови кон расите и империјата."
"Отсекогаш имало нешто магично во ваквиот вид иконоклазам, кој се потпира на верувањето дека уништувањето на некоја слика некако ќе ги реши проблемите поврзани со нејзе," пишува Бурума.
Како примери тој ги дава англиските протестанти кои кога се спротивставуваат на римокатоличката црква во 16-от век, и со чекани и секири ги уништуваат камените скулптури на светците и другите свети обележја. Револуционерите од 18-от век истото го прават во црквите во Франција, а еден од најрадикалните примери доаѓа од Кина од пред 50-на години, кога кинеските власти уништуваат будистички храмови и горат книги, како дел од Културната револуција.
Иако една од цивилизираните позиции околу проблемот е претпоставката дека само луѓето кои веруваат во магичната моќ на овие слики би сакале истите да ги избришат, и дека на нив разумно е да се гледа како на остатоци од историјата, работата се комплицира кога во оваа пресметка ќе го вклучиш Хитлер.
"Кој би се расправал дека по 1945-та, улиците и плоштадите во германските градови би требало и понатаму да го носат името на Адолф Хитлер? Секако не беше детинеста грешка да се тргнат сите скулптури на Фирерот - или на Советските лидери во Централна и Источна Европа по 1989.
Човек тешко може да аргументира дека претставата на овие лидери ја има истата уметничка вредност како големите цркви на средновековна Англија, или будистичките скулптури од династијата Танг во Кина. Ама па и статуите на Генерал Ли тешко дека вредат да се зачуваат заради уметнички причини.
Прашањето е каде треба да ја повлечеме линијата? Дали историските ликови треба да бидат судени според крвта што ја имаат на своите раце? Или треба да биде воспоставена соодветна временска рамка?" објаснува Бурума.
Според него клучно е "како ги раскажуваме приказните за нашето минато, и како ги одржуваме живи сеќавањата во културолошките артефакти". Притоа околу ова е потребно одредено ниво на консензус, "кој често не постои, посебно ако имало граѓанска војна", како што е случајот со САД.
Во приказната со поствоена Германија и Хитлер, позициите се јасни па и Истокот и Западот решаваат да тргнат во спротивен правец од нацизмот, и притоа комплетно се забранува секаква иконографија од тоа време.
Кај Британија се работи за далечна историја, на која денес нема живи сведоци, и ликови (Роудс и Нелсон) чии ставови се стандардни за времето во кое живееле. Заради ова малку е веројатно дека луѓето кои минуваат под спомениците на Трафалгар или во Оксфорд, ќе бидат инспирирани од истите да бараат враќање на ропството или создавање на империја во Африка.
"Американскиот југ, сепак, се уште е проблематичен. Поразените во Граѓанската војна никогаш не се помирија со нивниот пораз. Голем број јужњаци, иако секако не сите, конфедерациската кауза и нејзините споменици се уште ги чувствуваат како дел од нивниот колективен идентитет. Иако тешко дека некој што е при здрав памет денес би се залагал за враќање на ропството, носталгијата по стариот југ и понатаму е преплетена со расизам. И затоа статуите на генерал Ли пред судовите и другите згради на државните органи се одвратни, и зошто голем број луѓе, вклучувајќи ги либералите од југот, би сакале да ги тргнат.
Нема совршено решение на проблемот, токму затоа што тука не се работи само за слики направени во камен. Презирот на југот е политички. Раните од Граѓанската војна остануваат незаздравени. Најголемиот дел од руралниот југ е посиромашен и помалку образуван отколку остатокот од САД. Луѓето се чувствуваат игнорирани и потценети од урбаните крајбрежни елити. Токму затоа толку многу од нив гласаа за Доналд Трамп. Соборувањето на неколку статуи нема да го реши проблемот. Дури може и да ги влоши работите," порачува Бурума.