
Во очаен обид да ја надмине кризата со поскапувањата на јајцата низ САД, Министерството за земјоделство ќе инвестира 1 милијарда долари во битката против птичјиот грип.
Цената на стандардно пакување од 12 јајца во Америка во јануари достигна рекордни 4,95 долари, двојно повеќе од лани. Некои ресторани почнале да наплаќаат и „додаток за јајце“ ако го има во оброците.
Кризата ја предизвика екстремно агресивен тип на птичјиот грип (ХПАИ). Епидемијата не е запрена ни со масовни ништења на кокошките. Заболените диви птици го враќаат вирусот на фармите.
Мутации се префрлиле и на говеда, во 973 стада во 16 сојузни држави. Досега биле заразени и 70 луѓе, но Центрите за превенција и контрола на болести објавија дека ризикот не е голем, бидејќи немало случај човек да зарази човек.
Министерот Брук Ролинс ги објаснува главните точки на стратегијата: 500 милиони долари се за биолошка безбедност на живинарските фарми, а 400 милиони се за отштета на фармерите. Уште десетици милиони долари се за развој на вакцини и лекови за живината и за зголемен увоз.
Фармерите досега ги одбиваа програмите за имунизација, зашто на некои странски пазари не може да продаваат месо и јајца од вакцинирани пилиња.
И покрај милијардата, проекциите се дека јајцата ќе поскапат за уште 41 отсто до крајот на годинава.