Личното богатство на 89-годишниот монарх, во најголем дел наследство од нејзиното семејство, изнесува околу 425 милиони долари. За споредба ова е само 3% од богатството на најбогатиот Британец, Жерард Гросвенор, војводата од Вестминстер. Додека богатството на најбогатата жена во Европа, Лилиен Бетенкур, се проценува на 32 милијарди долари.
Консултантската компанија за вреднување на брендови, Бренд Фајнанс, проценува дека монархијата како една од највредните институции, на Британија и вреди околу 87 милијарди долари.
Блумберг индексот на милијардери го пресметува богатството на кралицата по следните основи:
- 75 милиони долари од инвестиции
- 160 милиони долари имот наследен од мајка и'
- 110 милиони долари личен имот
- 75 милиони долари колекција на поштенски марки
- 10 милиони долари за кралската ергела
Во оваа сума не се вклучени ставки како накитот и подароците што кралицата ги добила за време на своето владеење, приходите од туристи кои ги посетуваат кралските замоци или јатото тркачки гулаби.
Имотот како Бакингемската палата, кралскиот накит и уметничката колекција, се чуваат во труст за следните генерации и не се лична сопственост на кралицата.
"Кралицата е управителка на монархијата. Таа не е толку богата колку што сите мислат дека е," објаснува авторот на биографијата "Елизабета Кралицата," Сали Смит.