Кои се најчестите зборови на 616 јазици?

Во обид да го демистифицираат тврдењето дека Ескимите имаат сто зборови за снег, група лингвисти темелно истражувале стотици речници и откриле интересни детали за релативитетот на јазиците. Потврдени се вообичаените стереотипи. Новитет е алатка со која може да се пребара честотата на зборовите во речниците. Штета што во истражувањето не бил вклучен и македонскиот јазик.

Јазикот е прозорец во секоја народ и го рефлектира тоа што луѓето секојдневно го чувствуваат и го ценат, потврдуваат резултати од ново и обемно лингвистичко истражување.

Во обид да се создадат и да се разберат врските помеѓу јазиците и јазичните концепти, биле анализирани 1.574 билингвални речници, вклучувајќи англиски преводи од 616 јазици.

Со пресметковни модели биле идентификувани специфични карактеристики на секој јазик што помага подобро да се разберат јазикот, културата и нивната меѓусебна врска.

Како типичен пример е издвоен концептот коњ, кој со најмногу зборови е застапен во францускиот, германскиот, казачкиот и монголскиот јазик. Изразот аргамаг, на пример, на монголски значи добар коњ за јавање, а чөдөрлөх да му се подврзе нога на коњ.

Наоди го потврдуваат повеќето врски истакнати од разни истражувања, дека Германците имаат многу зборови за пиво, а Јапонците имаат многу изрази за да опишат обврска и должност.

Што се однесува до изразите за снег, најбогати со зборови навистина се речниците на Ескимите и Инуитите, но и на Јапонците и на Шкотланѓаните.

Како исклучок од стереотипите е истакнато дека јужноафриканските јазици Њанџа, Таа и Шона имаат многу зборови за дожд, иако во овие региони ретко врне.

Тоа веројатно е така зашто дождот во сушните региони е важен за опстанокот на луѓето, па тие зборуваат за појавата и кога не врне, наведуваат авторите на истражувањето.

Вреден производ од истражувањето е и алатката со која може да се пребарува кои изрази се најзастапени во секој јазик. Алатката покажува дека на пример:

  • Јапонците имаат 20 изрази за земјотрес;
  • Французите имаат 11 изрази за бакнеж;
  • Најмногу изрази за љубов има на санскрит;
  • На латински има повеќе од 40 изрази за Сенат.

Македонскиот јазик не е вграден, но има интересни податоци за соседството:

  • На српски/хрватски/босански јазик има најмногу изрази за елита;
  • Грците имаат 12 изрази за хор;
  • Најмногу изрази во бугарскиот јазик има за Ром;
  • Словенците имаат најмногу изрази за санка, а Турците за Мека и за џамија.

 

20 април 2025 - 08:48