"Постојат 5 клучни социјални инстинкти кои им дале структура и сила на нашите древни заедници. Овие инстинкти ни помагале да бидеме зависни од другите членови на нашиот клан, ни вовеле рангирање во кланот, осигурале дека ги завршуваме нашите задолженија, нè обесхрабриле да се навредуваме еден со друг и нè отстранувале од заедницата кога ќе сме се претвореле во товар за неа," пишува Џефри П. Кан во текстот за Њујорк Тајмс.
Според него проблемот е што иако овие инстинкти во прво време ни помогнале, сепак со тек на време тие станале премногу ригидни за заедницата да може да еволуира, нешто за што било неопходна желба за истражување на непознатото, за авантура, уметничко изразување, романтика, инвентивност и експериментирање.
"Тогаш, во одредени прилики, ни требало нешто што ќе нè ослободи од нашиот биолошки инстинкт или барем ќе ни дозволи да ја потисне нашата вина кога ќе се обидеме да го игнорираме. Ни требало пиво."
Неговата поента е дека воведувањето на пивото во заедницата направило и сериозна промена во многу сфери. Размислувањата, разговорите и генерално однесувањето за време на дружбите во рамките на кланот се промениле. Луѓето под дејство на пиво не биле толку стегнати и управувани од социјално утврдените инстинкти.
"Во меѓувреме луѓето станале поотворени во своето мислење, покреативни и повеќе соработувале. Ноќта со умерено пиење пиво почнало да создава чувство на слобода, иако следното утро, старите инстинкти почнале да се враќаат за да нè вратат на нашето место во заедницата."
Некои докази покажуваат дека во древна Германија и Персија, колективните одлуки се носеле по неколку тури пиво, а потоа истите се проверувале следното утро на трезно.