Кој клуб што сонувал и посакувал цела регуларната сезона го остварува во јули и август, летна преодна сезона, во зависност од тоа колку пари има на располагање. Истата оваа сезона е најубавиот дел од годината за секој што работи во спортска редакција и за секој што не работи ништо и дреме во кладилница - ова е периодот кога можеш без ни најмалку исаф да споменуваш најневеројатни комбинации и можни трансфери.
Иако првично трансферот на Нејмар од Барса во ПСЖ изгледаше како уште еден летен бајрам на паметот, како што одминуваа деновите, целата работа почна да добива на сериозност и тежина. На неколку дена пред да се оствари трансферот, додека медиумите објавуваа дека неговото заминување е готово, играчите на Барса на своите социјални медиуми тврдеа и гарантира дека тој останува во Шпанија. На 3-ти август излезе дека медиумите знаат што зборат.
Економист објаснува како се спроведуваат овие зделки:
"Пред кој било да седне да преговара, тимот што купува обично минува неколку години во идентификување на правилниот играч. Клубовите долго време се потпираат на скаути кои треба да откријат талентирани млади играчи, ама исто така имаат и пристап до огромни видео библиотеки и бази на податоци за нивните перформанси. Иако менаџерот на клубот обично е вклучен во избирање на посакуваниот играч, за преговарањето обично е задолжен 'фудбалскиот директор' или некој од високите извршни директори. Ако играчот е под договор со друг клуб, тогаш директор има задача формално да му се обрати на тој тим. Веќе има воспоставени правила кои го спречуваат купувачот да го контактира играчот или неговиот агент, пред да го контактира клубот. И покрај ова, многу често првиот чекор е протекување гласини до медиумите за заинтересираност на некоја од страните.
Последователните преговори се спроведуваат претежно преку апликацијата Вотсап, објаснува спортскиот адвокат Џејк Коен, според кој изборот е заради: групните разговори, инстант пораките и безбедноста. Пред да биде постигнат крајниот договор обично треба да се пројдат неколку договори. Првиот договор се однесува на надоместокот за продавачот. На пример играчи како Нејмар, имаат клаузула за раскинување (во неговиот случај 222 милиони евра). Откако клубот што продава смета дека цената за надомест е во ред, почнува втората фаза: тимот што купува му понудува договор на играчот преку неговиот агент, кој во случајот со Нејмар значи 30 милиони евра годишно (со платен данок). Трет е надоместокот што клубот што купува му го плаќа на агентот на играчот, и тој обично се движи меѓу 5 и 10 проценти од сумата за трансфер. Тимот претставници на Нејмар, меѓу кои и е и татко му, од трансферот ќе заработат околу 38 милиони долари. Откако играчот ќе мине ригорозни здравствени испитувања и ќе бидат поднесени сите документи и добиени сите одобренија од надлежните органи, клубот може да објави дека потпишал нов играч."
Притоа не е ништо чудно во договорите да има клаузула во која клубот бара дополнителни исплати ако играчот што го продале освои титула, или ако е продаден за некоја уште поскапа цена. Една од важните работи на кои треба да внимава клубот што продава е и уште колку време играчот е врзан со договор кај нив, бидејќи по истекување на договорот тие не добиваат ништо за неговото заминување.