Италијанците меѓу право на чист воздух и право на пица

Италијанските статистики се дека годишно во земјата 30.000 луѓе умираат од загаден воздух. Инстантните решенија на оваа тема ставија пред стрелачки вод некои крајно автохтони состојки од италијанскиот начин на живот.

Главната причина за тоа што Рим, Милано, Неапол, Торино и останатите градови се удавени во натпросечни нивоа на ПМ10 честички е "бесрамно непочитување на правилата кои осигуруваат квалитет на воздухот, и недостаток на стратегија од владата."

Процената е дека доколку само се почитува моменталната регулатива на тема загадување би се спасиле околу 11 илјади жртви од вкупно 30-те илјади.

Бидејќи секојдневното почитување на законите е далеку помакотрпна работа отколку решавање проблеми кога ќе згусне, локалните власти тргаа во поход против се' што мислат дека загадува, што во ваква масовна сеча опфаќа и забрани за возење Веспи или правење пица во печки на дрва.

Милано одлучи на три дена да го забрани сообраќајот на градските улици за сите не-електрични возила од 10 до 16 часот, во Рим на почетокот од неделата се воведе пар – не пар, а во Сан Виталиано во близина на Неапол цели три месеци ќе бидат забрането палење на печките за пици на дрво, или додека не се постават филтри на оџаците. Забелешката на голем број еколози околу пар – не пар е дека тоа е исто ефикасно како да ставиш фластер на тумор, бидејќи во Рим овој метод значи дека пак 1,3 милиони коли ќе бидат на улица.

Годинава Италијанците се соочени со посебно високо загадување, делумно и заради натпросечно топлата есен и зима, и немањето дождови. Последново е посебно проблематично во Милано каде над 50 дена нема заврнато.

Самите Италијанци имаат прилично сериозен придонес во загадувањето. Па така во Рим се продаваат комплети за "привремено конвертирање на регистарските таблици" за да се хакне пар-не пар системот. Заради сличен "хак" довербата во јавниот превоз е на најниско ниво, откако на денот на Божиќ метрото во Рим комплетно запре во 13:30, бидејќи преголем број вработени во јавното претпријатие за градски превоз дента не се појавиле на работа заради болест.

30 декември 2015 - 16:42