Големопродажната цена на природниот гас во Европа почна да расте над историскиот просек летото 2021 година. Следното лето достигна ниво за 2.000% повисоко од историскиот просек, а потоа драстично падна.
Цената сега е само 30-60% повисока, па сепак, сметките за домаќинствата остануваат далеку над нивото пред кризата.
Почнувајќи од јули 2023 година, типично британско домаќинство ќе плаќа околу 2.074 фунти годишно за енергија - речиси двојно повеќе од она што го плаќало во април 2021 година.
Ни во скора иднина не се очекуваат добри вести на таа тема. Тинк-тенкот Корнвол Инсајтс предвидува дека сметките за енергија во домаќинствата нема да се вратат на пред-кризните нивоа пред крајот на оваа деценија.
Како бе така? Така.
Сегашните сметки за енергија не се одредени од тековните цени туку од она што трговците на големо се изнакупуваа кога ги фати паника дека ќе снема гас.
Се проценува дека од 2021 година, европските енергетски фирми потрошиле околу 1,1 трилиони долари на гас. Ова е приближно еднакво на износот што истите го потрошиле во текот на десетте години помеѓу 2010 и 2020 година.
Да се потсетиме: на средината на 2022 година, европските креатори на политики ги фати паника дека ќе има недостиг гас во претстојната зима, па им сугерираа на енергетските фирми да купат огромни количини течен гас (ЛНГ) и да ги наполнат складиштата. Ги наполнија, ама по огромна цена.
Подолу е табела која тие потрошени 1,1 трилион долари за гас ги става во контекст. Тоа е сума поголема од БДП-то на Саудиска Арабија, над двојно повеќе од потребното за реконструкција на Украина и 44 пати повеќе од Хинки поинт, најскапата нуклеарна централа на светот.