Публика на самитот ќе биде сè што е опфатено под Западен Балкан, чии лидери ќе треба да седат и да изгледаат како некој да треба да ги убедува да влезат во ЕУ, а во исто време британските власти ќе треба да изгледа како да веруваат во идејата за ЕУ.
Самитот е дел од т.н. Берлински процес, серија состаноци чија цел е да му се даде поддршка на Западен Балкан во приклучувањето кон ЕУ. На ова ќе му претходи состанокот во Софија закажан за неделава.
За критичарите е смешно што британската влада е домаќин на конференција за проширување на ЕУ неколку месеци пред да го комплетира своето заминување од Унијата. Тоа што земјите од Западен Балкан се подготвени сè да направат само за да помирисаат ЕУ (дури и да слушаат Британија да им збори колку е добро да си во ЕУ) и понатаму никому не му е смешно.
За да не се чувствуваат како на казнена експедиција, на земјите од околинава на самитот друштво ќе им прават претставници од Бугарија, Австрија, Хрватска, Италија, Германија, Полска и Словенија.
Од британскиот Форин офис објаснуваат дека тие и понатаму остануваат на ставот дека приемот во ЕУ е важен за иднината на Западниот Балкан. За разлика од нив, на британските либералдемократи не им е јасно кој е толку хумористичен во Форин офисот „што решил да организира конференција за промоција на членство во ЕУ за земјите од Западниот Балкан.“
„Во време кога сме насочени кон излегување од ЕУ, почнуваме да им советуваме на другите да се приклучат.
Ова само покажува колку е Борис некомпетентен. Не можеш да му дадеш да управува со купатило, а не па со Форин офисот,“ порачал Том Брејк од либералдемократите.