Австралиски експерт за имиграција скицираше како правниот тим на Новак Ѓоковиќ ќе може да му пристапи на проблемот/скандалот со неговата виза, откако на деветкратниот шампион од Мелбурн Парк му беше наредено да ги спакува куферите по бурната реакција на јавноста.
Ѓоковиќ стана мета на критики откако објави дека добил медицинско изземање од правилата за вакцинација за да влезе во земјата и да игра на претстојниот Австралија опен. Тоа изземање беше укинато откако тој веќе пристигна во земјата, при што австралиските гранични власти рекоа дека тој не обезбедил соодветни докази за исполнување на условите за влез.
Поранешниот втор човек во Одделот за имиграција, Абул Ризви, е критичен кон справувањето со ситуацијата од страна на владата, потсетувајќи ги Австралијците дека нивниот визен систем „обезбедува три нивоа на заштита“ на земјата. Од трите, два биле комплетно прескокнати.
„Господинот Ѓоковиќ доби виза под претпоставка дека се исполнети сите законски услови“, вели Ризви. „Владата сега вели дека не се исполнети сите законски услови. „Вториот слој е кога лицето се качува во авион за да дојде во Австралија - таму властите имаат свои претставници кои можат да спречат лице да се качи во авион за Австралија ако има проблеми со визата.
Ризви вели дека реакцијата се одвивала само на „третиот слој на заштита“, на самиот австралиски аеродром. Тој предупреди дека случајот Ѓоковиќ ќе создаде опасен преседан кој ќе создаде огромен хаос на австралиските аеродроми.
„Тоа е последното ниво на заштита. По системот што владата го користи во случајов– ако случајот со Ѓоковиќ е образец – нашите аеродроми едноставно нема да можат да се справат“.
Ризви вели дека има три клучни прашања кои адвокатите би можеле да ги искористат за да го обжалат откажувањето на визата.
Првото прашање е: „Ако нашиот клиент не ги задоволувал сите правни услови за виза, зошто сте му дале виза?
Второто прашање е: „Ако сте биле загрижени за визата, зошто не ја откажавте таа виза пред тој да се качи на авион за Австралија?“
Третото прашање е: „Со оглед на тоа што му дадовте виза и ниту една од околностите од пред доделувањето не се промени, на која основа сега ја откажувате таа виза?“
Инаку, Новак Ѓоковиќ бил еден од 26 лица (поврзани со тенисот) кои бараале изземање. За да биде процесот фер, сите тие барања биле разгледувани и решавани од два панела, „на слепо“, без луѓето да го знааат идентитетот на барателите. Притоа, тој не бил единствениот кому му било дадено изземање, но само за него се дигна врева.
„Одобренијата за изземање не беа донесени од еден доктор кој го познавате, туку од шестмина кои и вие не ги познавате и тие не знаат кој сте вие“, објасни министерката од Викторија, Јаала Пулфорд.